1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Писма против данокот за штетни гасови

Производителот на авиони Ербас и шест европски авиокомпании им пишаа на неколку европски лидери против данокот за испуштање на штетни гасови наметнат од ЕУ.

Писмо со предупредување за економски последици од новиот данок добиле лидерите во Британија, Франција, Германија и Шпанија. Писмото покрај од Ербас е потпишано и од Бритиш Ервајс, Вирџин Атлантик, Луфтханза, Ер Франс, Ер Берлин и Иберија.

Компаниите се жалат дека данокот за испуштање на штетни гасови ги чини милијарди долари, што води кон кратење на илјадници работни места. На писмата се потпишани и француската вселенска и безбедносна група „Сафран“ и германската „МТУ“. Писмата се наменети лично за британскиот премиер Дејвид Камерун, францускиот премиер Франсоа Фион, германската канцеларка Ангела Меркел и шпанскиот премиер Мариано Рахој. Сите четири земји го помогнаа основањето на Ербас.

Изворот што ја откри информацијата, а кој сака да остане анонимен, вели дека тие ја спорат унилатералната природа на оваа мерка.

Како реакција на воведениот данок, Кина веќе ја има запрено нарачката на нови авиони од Ербас, што за компанијата претставува загуба од девет милијарди евра. А, во четвртокот и од Меѓународната авио-транспортна асоцијација (ИАТА) предупредија дека новиот данок на ЕУ би можел да предизвика трговски војни.

Авиокомпаниите треба да ги добијат сметките следната година, откако ќе им се процени колку нивните авиони испуштиле штетни гасови во текот на оваа година.

Автор: АМ/ АТ/ афп

Редактор: Симе Недевски