1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Писателите - предвесници на иднината

Познатиот македонски поет, романсиер, ракажувач, драмски автор и писател за деца, Видое Видичевски, деновиве слави осумедесетти роденден. Зад него се 60 години плодно творештво, во кое Охрид му е вечна инспирација.

default

Видое Видичевски

Видое Видичевски во македонската поезија се појави во времето кога битката за новото и модерното беше започната, но не и добиена, рече во една пригода писателот Веле Смилески, навраќајќи се на почетоците на Видичевски, во далечната 1959 година и првата стихозбирка „Сини питоми утрини “. Од таа година Видичевски е член на Друштвото на писателите на Македонија. До денеска има објавено над 15 наслови, некои со по неколку изданија, безброј раскази и стихови во периодиката и многу награди и признанија:

„Годините понекогаш не делуваат врз творештвото. Ќе има уште нешто што ќе треба да се напише и да остане за иднината. Охрид ми е инспирација и луѓето со кои комуницирам постојано на определен начин се внесени во моите текстови,“ вели Видичевски.

Покрај писател, Видичевски е основач на низа манифестации

Неговиот колега по перо, Разме Кумбароски, потсетува дека Видичевски во Македонија со децении наназад ја има улогата на културен двигател, стожер и основач на повеќе институции: Историски архив, Радио Охрид и e еден од втемелувачите на Охридско лето, Струшките вечери на поезијата, Прличевите беседи. Улогата на творецот е да биде и визионер и да биде чекор пред другите, смета Видичевски:

Ohrid 1

„Писателите треба да бидат предвесници на идното време. Дали го постигнале тоа, одделно е прашање на оценка. На пример во мојата книга „Кажувањата на задоцнетиот пророк“ тоа може да се насети. На определен начин таа е пишувана со цел да предвести и да каже нешто што ќе се случи. "

Македонските творци недоволно застапени во лектирните изданија

Неговото култно дело „Големата шума “ е неодминлива лектира за многу генерации македонски ученици. Според романот е снимена и возбудлива телевизиска серија која остави силни неизбришливи траги во духовниот простор во Република Македонија, ќе рече претседателот на ДПМ, Раде Силјан. Видое Видичевски јавно апелира македонските автори да бидат што позастапени во лектирните изданија во образованието :

„Македонскиот автор не е доволно застапен во лектирата. И не знам од кои причини се прави тоа. Има доста автори кои со делата заслужуваат да бидат во рамките на таа лектира, независно за возрасни или за деца и млади. “

Panoramabild von Ohrid

Охрид, непресушна инспирација за Видичевски

Творештвото на Видичевски го споредуваат со мементото

Академиците Матеја Матевски и Георги Старделов му се современици, пријатели од млади дни до денеска. Песните на Видичевски ги споредувааат со мигот – мементо и некој вид нова ангажирана поезија. Со години му се восхитуваат што Видичевски долго и студиозно, осмислено му приоѓа на творештвото и не твори колку да се рече дека се напишало:

„ Јас сум еден од авторите кои повеќе размислуваат и го создаваат нештото во себе , а потоа полесно го ставаат на хартија.“

„Ти должам едно небо“. Со овие стихови Видичевски и‘ се оддолжува на својата животна сопатничка Натка, која и денеска е неговиот најголем поддржувач, но и критичар.

Во чест на неговиот роденден локалната власт во Охрид го поддржа печатењето на книгата „Билје крај езерото “, која претставува избор од неговиот поетски опус. Издавач е се‘ поагилната Медитеранска академија „Браќа Миладиновци “ од Струга.

Автор : Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска

Поврзана содржина