1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пирова победа на вечниот претседателски кандидат

По се` изгледа Лорен Гбагбо е подготвен да ја отстапи функцијата претседател на Брегот на Слоновата Коска и да му ја предаде на официјалниот и признат победник на изборите, Аласане Уатара. Кој е новиот човек во Абиџан?

default

Совршен имиџ и меѓународна наклонетост - Аласане Уатара

Аласане Драман Уатара се претставува себеси како џентлмен, совршено дотеран, со топло, татковско ракување и беспрекорен имиџ на Западот. Неговата сопруга е Французинка, а кум на венчавката му беше лично францускиот претседател, Никола Саркози.

Уатара е роден пред 69 години во централниот дел на Брегот на Слоновата Коска, а матурирал во Буркина Фасо. По студиите и докторирањето во САД, младиот и надежен економист ја почнува кариерата во Меѓународниот монетарен фонд. Кон крајот на осумдесеттите години, тогашниот претседател на неговата татковина, Феликс Уфује Боанје, му предлага на амбициозниот Уатара да се врати во Брегот на Слоновата Коска, каде го добива местото гувернер на Западноафриканската централна банка. На почетокот на деведесеттите години станува првиот премиер на земјата, по прогласувањето на нејзината независност. По смртта на Уфује Боанје во 1993 година, Уатара не добива можност да се кандидира за претседател, бидејќи наводно не водел потекло од Брегот на Слоновата Коска. Повторно се обидува да се кандидира во 1999 година, но повторно не успева - за претседател на државата е избран Лорен Гбагбо. И тој во меѓувреме се повикува на националноста на Уатара. Тоа беше и една од причините за граѓанската војна во 2002 година, вели денес Уатара. Стотици илјади имигранти од Буркина Фасо, Мали, Нигер и други земји тогаш преку ноќ станаа граѓани од втор ред:

„Прашањето за идентитетот ја одведе Брегот на Слоновата Коска во катастрофа. Предизвика убиства и масакри, во име на националноста! Долго време луѓето не беа рамноправно третирани. Тоа доведе до граѓанска непослушност и бунт во северот на земјата. Треба да извлечеме поука од сето тоа, за конечно да и` ставиме крај на омразата во ова општество. Да ја сопреме дискриминацијата, која доведе до голема затегнатост на односите“, вели Уатара.

Elfenbeinküste Abidjan Wahl Präsident Rebellen Flüchtlinge Flash-Galerie

„Борбата на двата слона“ предизвика големо страдање во африканската држава

Борбата на двата слона

Неговиот најголем политички противник, Лорен Гбагбо, речиси десет години успева да го држи настрана од врвните позиции во земјата. Но, овојпат Уатара конечно успеа - барем формално го победи Гбагбо на последните претседателски избори во ноември. На народот му се обраќа како нов претседател, но и прв воин:

„Драги сожители, стоиме на крстопат. Моите републикански сили имаат задача да го штитат населението од милициите на Лорен Гбагбо и да го спроведат резултатот од последните претседателски избори. Заедно мораме да создадеме мир - да живее републиката, да живее Брегот на Слоновата Коска!“

Дваесет години по почетокот на неговата политичка кариера, Уатара стигнува до целта. Но, победата е пирова, со големи загуби. Неговиот имиџ на џентлмен тешко настрада во изминатите месеци. Новоизбраниот претседател мора да се соочи со тешките обвинувања, дека неговите трупи се одговорни за масакрот во западот на земјата. Гбагбо, пак, му препушта на Уатара длабако поделена држава. Една поговорка од Брегот на Слоновата Коска вели: „Кога два слона се тепаат, страда тревата.“ Уатара и Гбагбо изгазија толку многу трева, што прашање е дали воопшто ќе никне нова.

Автор: Александар Гебел/Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска