1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Пиратите речиси не профитираат од скандалот со податоците на интернет

Партијата на Пиратите досега влезе во четири германски покраински парламенти, но анкетите не и’ даваа речиси никакви шанси на изборите за Бундестагот. Со помош од неочекувана страна, за неа се појави зрак на надеж.

Луда забава изгледа поинаку. На оваа таканаречена „Крипто-парти“ на Пиратите всушност воопшто и нема што да се слави, туку учесниците треба да научат како можат да ги криптографираат, односно да ги кодираат своите и-мејлови.

„Скандалот со надгледување целосно ме шокира. Мислам дека е екстремно што навистина секој граѓанин е ставен под генерален сомнеж од страна на американската НСА и британската тајна служба. Затоа си реков дека треба да дојдам овде“.

Триесетина жители на Берлин ја прифатија поканата на партијата на Пиратите. Благодарение на шпионската афера, таканаречените „Крипто-парти“ во моментов се во тренд. Компјутерски совети како изборен шлагер.

„Порано тоа беа експертски кругови или, пак, доаѓаа луѓе со специјални интереси - ’шефот може да ми ги чита мејловите, а сакам да имам интимна комуникација со сопругата - значи покажи ми, како се прави тоа‘! Откако Едвард Сноуден ни кажа: ’Лоши луѓе читаат што пишувате‘, кај нас доаѓаат сосем нормални корисници“, вели Кевин Прајс, од Партијата на Пиратите.

Blogger Konferenz RE: PUBLICA 2011 Berlin Sascha Lobo

Саша Лобо

Но, и етаблираните партии ја жигосаа кражбата на милиони податоци, па на Пиратите им недостастува препознатлив белег токму кај нивната основна тема. Освен тоа, тешко може да се сублимира вистинското влијание од скандалот со прислушување, смета еден познатиот интернет активист Саша Лобо

„Вистина е дека многумина граѓани, многумина избирачи сѐ уште немаат сфатено, колку длабоко ова надгледување на дигиталните мрежи може да навлезе и во нивниот живот. Ова произлегува оттука, што интернетот е многу апстрактна работа и оваа апстракција е нешто за што на граѓаните им е релативно тешко да се вознемируваат и бунат“.

Пиратите затоа не можеа многу да профитираат од аферата со прислушувањето, велат експертите за јавно мислење.

„Во последно време имаше многу настани кои предизвикаа значително поголемо внимание: поплавите, на пример, па дури и случувањата во Египет наидоа на голем интерес, или оставката на сојузниот претседател минатата година - тоа беа случувања за кои се интересираше навистина големо мнозинство. Сега се максимално 40 проценти кои велат - да, слушнав нешто за тоа“, вели Манфред Гилнер, експерт за јавно мислење.

Лоши предуслови за интернет-партијата, која долго пливаше на бранот на успехот. Во септември 2011 година Пиратите освоија речиси 9 проценти во Берлин и влегоа за првпат во еден германски покраински парламент, а во меѓувреме се застапени во четири. Бројот на членовите на партијата молскавично се покачи и достигна до околу 30.000.

Партијата меѓутоа не направи капитал од успехот. Водечки членови се навредуваа меѓусебно во јавноста. Симпатиите за Пиратите и одзивот кај избирачите опаднаа.

Piratenpartei Katharina Nocun

Катарина Нокун

На партиски конгрес Пиратите направија персонални промени и усвоија изборна програма. Благодарение на аферата со НСА им се подобрија резултатите во анкетите. Сепак Пиратите сѐ уште се под пет проценти, кои се неопходни за влез во Бундестагот.

Скандалот со прислушувањето уште повеќе ќе се исплати наредните недели, убедена е Катарина Нокун од раководството на Пиратите.

„Тоа ги мобилизира нашите членови. Додека кај другите партии само водечките личности излегуваат во јавноста и даваат изјави, кај нас целата партија застана зад оваа тема. Мислам дека ова што сега го доживуваме е огромна шанса интерно во партијата повторно да ги збиеме редовите и во иднина конструктивно да работиме“, вели Нокун.

До изборите на 22 септември Пиратите ќе организираат за граѓаните уште многу „криптопарти“ со обука за дигитална заштита. Можеби е тоа вистинскиот клуч за влез во германскиот Бундестаг.