1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пиратите од Сомалија

Не се работи за наслов на филм. Ова е секојдневие во водите на Сомалија. По падот на диктаторот Сиад Баре во 1991 година, во земјата владеат редовните пресметки на разните банди.

default

Бродовите се жртви на пиратите

Кога хаосот би имал име, би се викал Сомалија: распаѓање на државата, владеење на брутални силеџии, илегални исламистички борци, беспомошна привремена влада. Идеална почва за криминалните банди, киднапери и уценувачи. Посебно опасни се пиратите, кои оперираат пред сомалиските брегови.

„Моментално тоа е најопасниот теснец во светот“, вели Потенгал Мукундан, директорот на Меѓународното бродско биро.


Пиратите ги интересираат само пари

Минатата година повеќе од дваесетина бродови и нивниот екипаж беа жртви на морските киднапери. Товарни и рибарски бродови, една француска луксузна јахта, како и бродови од програмата за помош на ОН, со прехранбени средства за страдното сомалиско население. Кон крајот на мај, и еден германски брод падна во мрежата на сомалиските пирати. Членовите на екипажот на бродот Леман Тимбер безнадежно чекаат на ослободување. Мотивите на грабнувачите се секогаш исти, ги интересираат парите за откуп.

„Ние сме сомалиска групација. Се` е во ред, нема никакви проблеми. Нас не интересираат само парите“, изјави еден член од морската банда, откако во април во заложништво земаа еден шпански рибарски брод. На овој начин, од бродските компании инкасираа повеќе милиони американски долари во изминатите месеци.

Пиратите најчесто користат брзи бродови, опремени со модерни сателитски приемници, а бродовите-жртви ги поттчинуваат со гранати и автоматско оружје. Потенгал Мукундан претпоставува дека и клановските милиции учествуваат во грабнувањата, а нивното влијание достигнува дури до владините кругови.

„Нема функционална власт, нема инфраструктура, нема право ниту закони. Пиратите можат да прават што сакаат и не одговаат за тоа“ – констатира Мукундан.

Во заднина стојат терористите

Брегот на рогот на Африка не беше отсекогаш толку небезбеден, како што е денес. Германската морнарица во 2003 беше дел од антитерористичката операција „Трајна слобода“, стационирана во Мамбоса. Тие велат дека нивните поморски извидувачи тогаш непречено го набљудувале озлогласениот теснец. Капитенот Јан Оте верува оти постои врска меѓу тероризмот и пиратството: „Пиратството е еден вид организиран криминал, што во заднина е сепак поврзан со структури што ги поддржуваат терористите“.

Германската морнарица е се` уште закотвена во регионот, а во меѓувреме се размислува за продолжување на нејзиниот мандат. Европските соседи, пак, размислуваат за создавање на една заштитна, меѓународна морска полиција.

Во последниве месеци во Сомалија зачестија и нападите на копно. Во јануари при бомашки напад загинаа тројца припадници на една хуманитарна организација. Во февруари во северна Сомалија беше уапсен и еден германски експерт за развој. Од почетокот на овој месец, пак, во заложништво на клановските милиции се најдоа и хуманитарци од Италија, Велика Британија и Кенија, како и еден сомалиски државјанин, висок функционер на ОН.