1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пејачките на „Пуси Рајот“ на слобода

Бранот помилувања од рускиот претседател Путин продолжува. На слобода се двете членки на панк-групата „Пуси Рајот“, Марија Аљохина и Надежда Толоконикова, кои поради критика беа осудени на две години работен логор.

Двете активистки и членки на панк-групата „Пуси Рајот“, Надежда Толоконикова и Марија Аљохина се пуштени на слобода. Адвокатот на Аљохина за новинската агенција РИА Новости изјави дека таа е веќе на пат кон Москва. Неколку часа подоцна сопругот на Толоконикова на Твитер напиша дека од затвор е ослободена и неговата жена.

Аљохина во првата реакција актот на своето ослободување изјави дека овој чекор е направен само заради публицитет и дека повеќе би сакала да остане во затвор.

„Мислам дека ова не е амнестија, туку сквернавење“, рече Аљохина во изјава за руската телевизија „Доџ“, додавајќи дека амнестијата се однесува само на мал број затвореници.

Таа заедно со нејзината колешка од групата, Надежда Толоконикова во август минатата година беше осудена на две години затворски логор поради протестен концерт против рускиот претседател Владимир Путин во московската црква „Христос спасителот“.

Аљохина својата казна, двегодишен работен логор поради „богохулство“, ја издржуваше во Нижни Новгород, 450 километри источно од Москва. Толоконикова речиси две години се наоѓаше во Сибир. Во март следната година двете жени требаше регуларно да излезат од затвор по издржувањето на казната.

Думата, рускиот парламент, минатата среда даде зелено светло за масовната амнестија предложена од рускиот претседател Владимир Путин, во рамките на која на слобода ќе се најдат илјадници осудени или обвинети, меѓу кои и многумина политички затвореници, како двете членки на панк-групата „Пуси Рајот“. Од претседателското помилување може да профитираат повеќе од 25 илјади затвореници. Властите имаат рок од шест месеци за спроведување на амнестијата. Официјален повод за неа е 20-годишината од постоењето на рускиот устав. Аналитичарите во актот на помилување на рускиот претседател гледаат и отстапка на Путин кон Западот, посебно пред претстојните Зимски олимписки игри во Сочи. Деновиве на слобода се најде и Михаил Ходорковски, поранешен моќен нафтен магнат и шеф на „Јукос“, кој десет години помина во затвор.