1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Печките во македонските фабрики тлеат

Стартот на 2009 го турна во амбис индустриското производство во Македонија, кое во јануари е намалено за 16 проценти. „Силмак“ запира со работа. Дали Македонија предоцна ја согледува светската финансиска криза?

default

Последиците од глобалната криза силно ја погодија македонксата индустрија. Фабриките или ги гасат печките, или ги чуваат празни - но топли, во надеж дека економското цунами ќе мине брзо и нивните производи повторно ќе станат барани на светскиот пазар. Дотогаш ќе се бие битка за преживување. „Силмак“ веќе ја загуби. Директорот на комбинатот за силициум од Јегуновце, Звонко Стојановски, прогласи капитулација.

И „Фени“ едвај додржува

Состојбата на теренот ги потврдува драматичните бројки што ги констатира статистиката. Првиот човек на комбинатот „Фени“, Михајло Михајловски за Дојче Веле ја опишува состојбата во фабриката: „Во „Фени“ во моментов работи една електропечка, цената на берзата и понатаму е ниска. Германците го санираат „Опел“, Французите „Пежо“ и „Рено“, Американците ја помагаат цела автомобилска индустрија. За нас тоа е некоја надеж, дека иако целата ситуација ќе потрае уште долго, побарувачката на нашите производи ќе се зголеми“, вели Михајловски за „Дојче веле“.

„Касно се сетивме на кризата“

Mazedonien Land und Leute Fabrik Nähbetrieb in Bitola

Тешко дека економијата ќе ја одржат текстилните фабрики

Пад од шеснаесет проценти во индустријата е загрижувачки показател и за посилни економии од македонската, вели во изјавата за нашата програма професорот од Правниот факултет во Скопје, Ванчо Узунов. „Се плашам дека овие шеснаесет проценти во јануари се дното, а прогнозите за февруари и март се уште полоши“, вели Узунов и критикува: „Тоа значи дека ние, иако знаевме, доцна се сетивме на кризата и што владата треба да стори за нејзино справување. Признавам дека и изборите имаат влијание, но сега сме среде криза и мора да се види што може да се спаси“, вели професорот Узунов.

Индустриските капацитети се главни извозници во Македонија и значителни чинители во бруто-домашниот производ. Економските експерти предупредуваат дека од кризата не е погоден само реалниот сектор, туку и услужниот.

Неизвесна иднина

Негативниот тренд трае неколку месеци. Фирмите се соочуваат со ликвидност, прогласуваат технолошки вишок, делат откази. Во меѓувреме, Централната банка објави намалување на девзините резерви од почетокот на годинава. Ваквата ситуација на тернот, потврдена во негативниот статистички приказ, најавува неизвесна пролет и мачна економска иднина. Можеби со задоцнување, но Македонија е неизбежно исправена пред предизвикот да се соочи со домино-ефектите од економската криза, кои во земјата стигнуваат во бранови.