1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Печатот: Грас претера, израелската реакција - недостојна

Поетските предупредувања против израелски атомски напад против Иран му донесоа многу критики на Гинтер Грас, но и на Израел поради забраната за влез во земјата за германскиот нобеловец.

„Бадише цајтунг“ коментира:

„Израел ќе преживее, секако. Израелската политика не е безгрешна, секако не. Но, Израел во никој случај не сака да го уништи Иран. Обратно, режимот во Техеран со години се заканува токму со тоа - и патем ги подржува терористите на Хамас и Хезболах во борбата против еврејскиот народ. Фактот дека Грас сево ова не сака да го согледа, од самиот почеток ја објаснува грубата израелска реакција“.

Критиката на израелската надворешна политика не е антисемитизам, но Израел има право на фер критика, вели весникот „Рајнише пост“:

„Гинтер Грас многу претера. Тој ги извртува политичките суштини и го бележи Израел за закана за светскиот мир. На тој глас на невистина Израел му ја затвори границата. Тој чекор не сведочи за суверенитет“.

„Претерано, ненужно, разоткривачки: израелската реакција на песната ’Што мора да биде кажано‘ од Гинтер Грас не е достојна за една демократска држава“, оценува „Ноје оснабрикер цајтунг“: „Притоа, при сета оправдана критика на неговата позиција, на Грас нешто мора да му се признае: тој се искажа како писател, не како политичар или дипломат. Грас смее да биде едностран онаму, каде другите, токму со нивните вербални искажувања, мора да бараат порамнување. Литературата мора да го тематизира она, што инаку останува скриено зад компромисни формули. Тоа е нејзино право и нејзина обврска“.

Весникот „Ди велт“, пак, наоѓа паралели меѓу „двајцата социјалдемократски провокатори“ Гинтер Грас и Тило Сарацин:

„На прв поглед се чини дека двајцата имаат малку нешто заедничко - освен мустаќите и членството во СПД. Едниот, критичар на исламот, кој си посакува колку што е можно повеќе источноеврејски доселеници, оти со силата на нивните посебни гени биле поумни од домашните; другиот, критичар на Израел, кој ги бранеше безредијата на муслиманските толпи во аферата со карикатурите на Мохамед. (...)

Грас и Сарацин проколнуваат за пропаст по сопствена вина: ’Германија се самоукинува‘ (наслов на спорната книга на Сарацин, н.з.) со неконтролирано доселување и множење на неквалитетен генетски материјал, и, ’ние како преживеани‘ сме ’можеби фусноти‘ во ’планските игри‘ на израелските војници, вооружени од нас, кои сакаат да го ’сотрат‘ иранскиот народ и ’да го загрозат светскиот мир‘ (во наводници се цитати од спорната песна на Грас, н.з.). Двајца припадници на единствениот народ кој во поновата историја направи сериозен обид да ’сотре‘ и ’да укине‘ друг народ им се посветуваат на фантазии на самоуништување - и за тоа наоѓаат и широка публика“, истакнува, покрај другото, весникот „Ди велт“.