1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Печалбата во Грција секна... и сега?

Нема точна евиденција за тоа колку македонски граѓани одат на времена работа во Грција, поради тоа што најголем дел од нив работат на црно. Поради кризата, сега веќе нема работа - ни за Грците, ниту за странците.

default

Најголемиот дел Македонци во Грција работат на црно

Грција е меѓу најголемите трговски партнери на Македонија, а грчките инвестиции доминираат во портфолиото на странски капитал. Поради ова, јасно е дека кризата во Грција се чуствува на повеќе нивоа и во Македонија. Бизнисот е најизложен. Компаниите ги пресметуваат загубите. Турбуленции има и на пазарот на работна сила. Голем број Македонци веќе не можат да сметаат на Грција како шанса за печалба. Според информациите објавени во грчките медиуми, во 2010 година стапката на невработеност во Грција била 12,8 проценти, во 2011 е зголемена на 16 проценти, а нивните прогнози за 2012 година се дека таа ќе порасне до 26 проценти. Во просек, 693 луѓе секојдневно остануваат без работа. Од почетокот на кризата во Грција, престанале да работат 68.000 фирми. Ваквите негативни трендови ги погодија и странските сезонски работници кои со години заработуваат во Грција. Меѓу нив и неколкуте илјади Македонци. За македонските граѓани, независно од возраста, Грција одамна не е само летна туристичка дестинација. Во последниве години јужниот сосед беше главно одредиште за привремена работа. Сега кризата предизвикува нова миграција, но во обратна насока.

Се „бара чаре“ на друго место

„Точно е, многу е намалена сезоната и од разговор со луѓе на терен, гледам дека многу луѓе веќе најдоа друг правец. Грција веќе не е приоритет, претпоставувам дека ова е последната добра сезона и во Италија поради се‘ поизвесната рецесија во оваа земја. Луѓето бараат нови дестинации, Англија е атрактивна, се споменува и Турција. Во последно време луѓето се движат преку програмата ’Work and travel’ и многу од нив бараат шанса да останат во странство, на црно се разбира“, објаснува за Дојче Веле, Дарко Велков од агенцијата Вработување точка ком. 

Santorini, Kykladen, Ägäis

Санторини е една од „летните дестинации“

Печалбата во Грција се одвива според следната шема - од јуни до  септември огромен број млади се упатуваа на некој од грчките острови. Покрај оние во туристичко-угостителскиот сектор, голем број работници беа ангажирани во берба на портокали, маслинки или јагоди низ Грција. Главни дестинации за летна работа во туристичкиот сектор се Санторини, Миконос, Родос, Крит, а актуелни се и Иос и хотелите на Халкидики. Дневниците за сезонска работа се во просек триесетина евра, а се работи без пауза - 24/7.

Мики од Скопје веќе 10 години преку зима во Македонија ги троши парите што ги заработува во текот на летната сезона на Иос. Сега кризата му ги менува плановите:

„Повеќе размислувам за работа во текот на зимскиот период, интересна дестинација за мене е Дубаи. За летниот период сега засега не размислувам, долго време сум на тоа место и не би сакал да ја менувам Грција. Ако не дај боже ситуацијата толку се влоши, тогаш ќе размислувам. Во секој случај во следните 3 до 5 години ќе има турбуленции во Грција, а тоа ќе предизвикува турбуленции и на пазарот на труд“, вели Мики.

Точна бројка на македонски работници кои ја напуштаат Грција пред налетот на финансиската криза нема,  исто како што нема точна бројка на македонски сезонски работници во оваа земја. Ниту една државна институција не располага со таква евиденција, бидејќи во најголемиот број случаи станува збор за работа на црно. 

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска