1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Печалбарите не се враќаат

Непостоењето соодветна државна стратегија кон иселеништвото, законите кои се менуваат постојано, а сега и глобалната економска криза – се само дел од причините зошто печалбарите ги проретчуваат посетите на Македонија.

default

Светозар Стамески, печалбар од тетовскиот крај, член на раководството на Македонско – американската национална асоцијација во Детроит, објаснува: „Ако луѓето немаат доволно пари, не заработуваат, не можат да праќаат и не инвестираат. Затоа луѓето не патуваат, поради економската загрозеност.“

Професорот на Штуловиот универзитет во Тетово Абдулменаф Беџети, кој е и експерт за јавни финансии, вели: „Во однос на приватните трансфери, кои потекнуваат од нашата економска емиграција во светот, 2007-ма година беше рекордна: беа евидентирани 1 милијарда и 200 милиони американски долари. Тогаш, тоа беа 20 отсто од бруто домашниот производ. Ние би биле среќни, ако до крајот на 2009-та година приливот од странство би бил 14 – 15 отсто од бруто домашниот производ“, вели Беџети.

Потребни се „здрави“ закони и реформирана администрација

„Администрацијата со нејзиното однесување и бавните процедури, ги одвраќаат и потенцијалните печалбари, кои би се решиле своите девизни заштеди да ги инвестираат во приватен бизнис во Македонија“, посочува вториот тетовски иселеник Мишко Васовски, исто така, член на споменатата македонска политичка и економска лоби-асоцијација: „Има проблеми: за една потврда треба да поминеш десет шалтери; вадење разновидна документација, која треба уште повеќе да се поедностави, да не треба да се чека на еден документ со недели и денови, туку тоа треба да се врши за еден, или два дена, за еден час. Законите во Македонија се добри, но треба да се спроведат од најниско ниво до највисокиот форум“, убеден е Васовски.

Ortsschild Rezession

Рецесијата ја влошува состојбата

Претседателот на Матицата на иселениците на Македонија, Иван Џо Петрески со критичка нота, забележува: „Со осмислена национална стратегија за репатријација очекуваме да се зголемат и инвестициите во земјата, поради повратниците од странство. Ние имаме многумина, кои што живеат надвор и кои сакаат да се вратат. Но, со здрави и константни закони, кои ќе ги потврдат нивните инвестиции, бидејќи кај нас политиките се менуваат“, вели Петрески.

Професорот Беџети дополнува: „Многу малку направивме за да ги привлечеме навистина овие наши потенцијални инвестиции, кои што можат да бидат организирани, мотивирани и поддржани. Формиравме некаква Агенција за згрижување, да речеме, на емиграцијата, меѓутоа, тоа се повеќе мерки од дневно - политички карактер, отколку од суштински стратегиско – економски аспект.“

Без кавги

Еден од малубројните дојдени од дијаспората во Теарце, оваа зима е Милан Тодоровски, печалбар веќе четири децении во Германија. На прашањето дали ќе сопре и кога реката иселеници од Македонија. тој одговара: „Со пет илјади денари месечно не може да опстане ниту една брачна двојка. Мора да има поголеми перспективи, за да можат младите да останат овде, а не да се иселуваат во другите земји.“ Тодоровски на владите во Македонија им порачува: „Владите, дали е од СДСМ, или од ВМРО ДПМНЕ, да не се караат само за нивните џепови и фотелји и да се расправаат како да се на пазар, туку мора да се заложат нешто, за да можат младите да се вработат. Да направат нешто за Македонија, а не да ја упропастуваат.“

Македонската дијаспора, сепак, ги задржува својата љубов кон татковината и надежите дека ќе дојдат подобри денови – за сите.