1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пет земји се’ уште погубуваат малолетници

Борците за човекови права ширум светот одамна се залагаат за укинување на смртната казна. Многу земји се обврзаа, да се откажат од спроведувањето на казната, особено во случаи, кога осудените лица се’ уште се малолетни.

default

Сејад Реза Хејази имаше 15 години кога се случи немилиот настан. Во една кавга тој со нож уби момче, ненамерно, како што подоцна постојано уверуваше. Сепак негова несреќа беше тоа што живееше во Иран, земја во која се пресудува смртна казна. Сејад и покрај неговата возраст беше осуден на смрт за неговото дело и по пет години затвор беше погубен во август 2008 година.

Во суштина извршувањето на смртната казна на малолетни лица е забранета со меѓународното право. Многу земји се обврзаа со меѓународно-правни договори да не погубуваат деца и младинци. Сепак тоа и натаму се случува и тоа не само во Иран.

Според податоците на организациите за заштита на човековите права и натаму има пет земји во кои малолетниците се екзекутираат. Станува збор за Иран, Пакистан, Судан, Јемен и Саудиска Арабија- значи исклучиво муслимански земји.

Во Иран момчињата се полнолетни со 15 а девојчињата веќе со 9 години

Öffentliche Hinrichtung im Iran

Јавно извршување на смртната казна е нормална постапка во Иран

Маријане Хојваген, раководителка на германската канцеларија на организацијата „Хјуман Рајтс Воч“ истакнува: „Иран ги има потпишано двете конвенции- Конвенцијата за правата на децата и Конвенцијата за политичките и граѓански права, во кои се забранува извршувањето на смртна казна на малолетни лица. И Судан, Пакистан и Јемен го имаат направено тоа. Но во овие земји правната практика отстапува од законите и од меѓународните обврски, кои ги преземале државите“, вели Хојваген.

Дел од проблемот е на пример тоа што во некои земји децата уште многу рано важат за полнолетни. Во Иран за момчињата со 15 години, за девојчињата веќе со девет. Покрај тоа многу обвинети честопати не можат да докажат, колку години имаат, зашто во некои муслимански земји често нема официјални изводи од матичната книга на родените.

Тоа може да има драматични последици објаснува Маријане Хојваген: „Во некои случаи - токму во случаите во кои младите немаат извод од матичната книга на родените, нивната возраст некогаш ја утврдуваат лекари и тоа не секогаш квалификувани лекари. Во еден случај во кој беше погубен еден малолетник всушност заболекар утврдил дека тој е полнолетен.“

Многу порази но и јасни победи

Symbolbild Todesstrafe USA Giftspritze

Фактички бројот на случаи на погубување на малолетници во изминатите години е значително пораснат. Од 2005 година наваму организациите за човекови права регистрирале 32 случаи и тоа се само оние, кои се познати.

Во меѓувреме ширум светот се зголемуваат напорите за укинување на смртната казна и да се убедат во тоа и оние земји кои се придржуваат до неа. Токму ова е целта и на германската политика за заштита на човековите права, истакнува Херта Дојблер Гмелин, претседавач на комисијата за човекови права на германскиот парламент-Бундестагот.

„Дел од нашата постојана работа истотака е форсирањето не само на Конвенцијата за детските права туку и напорите на ОН да се укине смртната казна и тоа како нејзиното спроведување врз малолетни лица така и кај другите групи, на пример, хендикепираните лица, но и кај целото население“, вели Гмелин.

Покрај бројните неуспеси активистите за заштита на човековите права известуваат и за јасни успеси. Меѓу другото САД и Кина во меѓувреме ги прилагодија нивните законодавства. Декларираната цел на организациите за човекови права е и други земји да го следат овој пример, зашто погубувањето на малолетни лица е целосно несоодветно-се’ едно во која земја во светот.

Автор: Брита Клајман / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска