1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пет години Совет на ОН за човекови права

Кога на 19.6.2006 година започна со работа новиот Совет на ОН за човекови права, многумина беа одушевени. Советот редовно се состанува во Женева, за некои непредокот е очигледен, но за други - би можел да биде и поголем.

default

Седница на Советот на ОН за човекови права во Женева

Воспоставувањето нов Совет на ОН требаше да претставува нов почеток во борбата за човекови права. Овој Совет го наследи поранешниот орган на ОН - Комисијата за човекови права, која делуваше полни 60 години. Сите очекуваа дека Советот ќе работи многу поефикасно, пренесува Рајнхард Швепе, германски претставник во него:

„Новината беше т.н. УПР, универзален процес на проценка на состојбите во одделни држави. Тоа беше некој вид ’државен технички преглед’ на полето на кршењето на човековите права“.

Во меѓувреме, таа проценка е направена за речиси сите држави во светот. Целта беше да се откријат пропустите и да се објават во светската јавност.

Напредокот е видлив

Sitzung UN-Menschenrechtsrat Genf

Тоа сигурно беше позитивно, проценуваат и активистите на организацијата „Хјуман рајтс воч“. Портпаролката на организацијата, Џули де Риверо, истакнува уште една работа - Советот стана постојано присутен во свеста на јавноста. „Мислам дека на тој начин се промени динамиката. Советот стана институција која се состанува речиси секој ден. И за нас во невладините организации работата се промени, зашто мораме да бидеме постојано подготвени пред овој Совет во секој момент да дадеме проценка на состојбата“, вели де Риверо.

Победи и порази

Почетокот сепак беше тежок. Членки на Советот станаа држави-членки на ОН кои не важат како големи поборници за човекови права, како Кина, Саудиска Арабија, Куба или Нигерија. Државите освен тоа често гласаат групирани во блокови. Исламските земји на тој начин речиси секогаш ги блокираат резолуциите против Иран и често на дневен ред ги ставаат проблемите во Израел. На некои влади им успеа, иако беа вмешани во крвави граѓански војни, од сето тоа да излезат со чисти раце.

„Мислам дека најниска точка е онаа при расправата на вонредната седница за состојбата во Шри Ланка. Што направи Советот? Тој и` честиташе на тамошната влада и истакна дека не смее да има мешање во внатрешните работи на оваа земја. Не беше кажан ниту збор за недоволната заштита на цивилното население во граѓанската војна која таму владееше“, тврди Џули де Риверо.

Iran UN-Menschenrechtsrat

Човековите права не се почитуваат секаде, протест поради нивното кршење во Иран

Сегашниот претседавач со Советот на ОН за човекови права, тајландскиот дипломат Сихасак Пуангеткеов, не сака да зборува за тоа кој бил најсветлиот момент во досегашната работа. Сепак, истакнува дека различните држави имаат различни претстави за тоа што се подразбира под терминот „човекови права“.

„Мнозинството западни држави обрнува поголемо внимание на политичките права во цивилното општество. Кај земјите во развој работите одат поинаку. Поради предизвиците пред кои се наоѓаат, вредност им придаваат на стопанските, социјалните и културните права“, вели тој.

Пуангекетов заклучува дека Советот на ОН за човекови права во секој случај направи напредок во својата работа, дека се работи многу посериозно и подисциплинирано отколку на почеток.

„Поради големото внимание на јавноста, како и поради големиот број набљудувачи на седниците, и членките мора да покажат поголема одговорност. Тие мора да и` објаснат на јавноста што работат“.

Преговори зад кулисите

Германскиот претставник Рајнхард Швепе сведочи за макотрпните преговори кои се водат секогаш кога се донесува резолуција или осуда на состојбата во одделна држава. Притоа често се одлучува не само врз основа на реченото во дискусиите:

„Често морам да давам изјави при работата, а не знам дали притоа ме слушаат сите. Решавачките дискусии се водат зад кулисите, меѓу поедини групи. Тука се зборува за можни компромиси и тука навистина се стасува до конечното решение“.

Затоа и мнозинството набљудувачи најрадо би причекало уште некое време пред да даде конечна оценка за билансот на работата на Советот на ОН за човекови права. Пролетоска Советот упати важен сигнал со привременото исклучување на Либија од членство. Дали и натаму ќе има такви сигнали, ќе се знае кога ќе поминат уште неколку години.

Автор: Малте Пипер/ Жана Ацеска

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM