1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Пет години по пропаста на Лиман Брадрс - финансиските пазари остануваат „градилишта“

Пет години по банкротот на американската банка Лиман Брадрс на финансиските пазари владее релативен мир. Неговата цена е висока, а и опасноста од нова криза не е вистински надмината.

Осум билиони, или осум илјади милијарди евра - тоа, според пресметките на дневниот весник „Велт“ се економските трошоци од светската финансиска криза. Таа почна на 15 септември 2008 година. На тој ден американската инвестициска банка Лиман Брадрс мораше да пријави несолвентност. Тоа беше врв на кризата чии димензии стануваа се‘ поголеми на американскиот пазар на недвижности, предизвикана од лошо осигурани хипотекарски кредити. Она што следуваше е познато - светската економија падна во длабока рецесија, државите мораа да носат конјуктурни пакети тешки милијарди, погодените банки и осигурувања беа спасувани од пропаст со милијарди евра собрани од даночните обврзници.

Дваесетте најразвиени индустриски земји и држави во забрзан подем се состанаа итно за да изигруваат пожарникар во кризата. Ветувањето што тогаш беше дадено гласеше: ниту еден финансиски актер, ниту еден финансиски продукт во иднина не смее да не подлежи на контрола. Беа најавени реформи, со кои требаше да се спречи пред се‘ банкротирањето на една банка да може да го разниша целиот систем. И требаше да се спречи даночните обврзници да мора да плаќаат за неуспешното „коцкање“ на банките.

Дали банките се посигурни?

Денес, пет години по пропаста на Лиман Брадрс, прашањето гласи - дали тоа може да се случи и утре или финансискиот свет во меѓувреме е подобро подготвен за вакви настани? Одговорот не е недвосмислен, туку е повеќе во стилот „да, но...“. Членот на Управниот одбор на Бундесбанката Андреас Домбрет, на пример, оценува дека е прерано да се каже оти опасноста е помината. Сличен е и ставот на Јерг Асмусен, германски претставник во Директориумот на Европската централна банка. Тој предупредува дека не треба да се преценува „релативниот мир“ на финансиските пазари. Сепак, и покрај се‘, во изминатите пет години е постигнато многу нешто.

Таквото мислење го дели и Мартин Фауст од Франкфуртската школа за финансии и менаџмент. „Сигурно е направено нешто. Банките денес имаат повеќе сопствен капитал“, вели Фауст за Дојче веле. Сепак, се‘ уште е присутен проблемот на преголеми банки. Доколку некоја од таквите банки се најде во проблеми, државите, а со тоа и даночите обврзници, ќе мора и натаму да даваат пари за спас. „Во тоа немаше доволно консеквентност. Постои поимот ’преголем за да пропадне’. Требаше големите банки кои дејствуваат во меѓународни рамки да се намалат.“

Bankenkrise Symbolbild

Се‘ уште има преголеми банки, опоменува Фауст

Опасноста од криза останува

И Свен Гиголд, критичар на глобализацијата и европратеник на Зелените, смета дека регулирањето на финансиската бранша е на вистински пат, но дека опасноста во никој случај не е сосема отстранета. Банките во меѓувреме располагаат со повеќе сопствен капитал и хеџ-фондовите се под надзор, но „опасноста од криза се‘ уште постои, затоа што презадолженоста е и натаму висока“, вели Гиголд.

Европската унија неделава направи уште еден чекор во насока на превенција од кризи - Европскиот парламент даде зелено светло за европски банкарски надзор. Во наредните години треба да се регулира и т.н. „банкарство во сенка“. Државите на Групата 20 донесоа временски план на преземање мерки за да може подобро да се контролираат хеџ-фондовите и другите нерегулирани финансиски институти.

Значи, останува да се стори уште многу нешто. Михаел Хитер, директор на Институтот за германско стопанство, вели дека се‘ е „долг процес на развој и учење“. Но се чекори по главно исправен пат. Плановите за бегство во случај на пожар, какви што висат во секоја зграда, сега ги имаат и банките и тие висат кај телата за финансиски надзор. Тоа придонесува многу за намалување на несигурноста. „Зашто, решавачкото на 16 септември, понеделникот по банкротот на Лиман, беше што никој не знаеше што да прави и каде и кај кого да се јави“, вели Хитер.

Symbolbild Schild SOS Hinweis Feuerlöscher Telefon

Сега барем има планови за спас во случај на пожар, вели Хитер

Дали сето беше навистина неопходно?

И уште едно прашање до денес остана неодговорено - дали Лиман Брадрс навистина мораше да банкротира, или можеше да добие поддршка од неколку милијарди и светот ќе беше спасен од криза? Сигурно дека можеше, само што во тој септември 2008-ма американски министер за финансии беше Хенри Полсон. Тој претходно многу години беше шеф на инвестициската банка Голдман Сакс. Негов смртен непријател беше извесен Ричард Фулд, шеф на Лиман Брадрс. Полсон со 180 милијарди американски долари го спаси осигурителниот џин АИГ. Лиман Брадрс и со тоа својот некогашен противник Фулд ги остави да „висат“.