1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Петреус препорача делумно повлекување на војниците од Ирак

Реакциите на извештајот на Врховниот командант на американските трупи во Ирак се различни – Демократите се разочарани, Републиканците охрабрени за подршка на политиката на претседателот Буш

default

Генерал Дејвид Петреус

Врховниот командант на американските трупи во Ирак, генерал Дејвид Петреус, во извештајот очекуван со нетрпение во САД и во странство, препорачува уште во текот на годинава да започне делумно намалување на трупите. “Препорачав да се намали бројот на војниците стационирани во Ирак. Во текот на месецов една специјална единица на маринците ќе го напушти Ирак. Покрај тоа, препорачувам до средината на декември да биде повлечена една бригада од нашите борбени трупи. Во првите седум месеци на 2008-ма година дома ќе се вратат уште четири други бригади и две единици на маринците” – рече генерал Петреус во настапот пред Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.

Ако дозволи безбедносната ситуација, до средината на јули наредната година треба американскиот контингент да се намали од сегашните преку 160 илјади на 130 илјади војници. Всушност, треба постепено повторно да се вратат на почетокот на годинава дополнително прекомандуваните 30 илјади војници. Петреус постојано укажуваше на тоа дека се подобрила безбедносната ситуација, пред се’ регионално, во самиот Багдад и во завојуваната провинција Анбар. Таму значително се намалил бројот на напади.

Американскиот амбасадор во Ирак Рајан Крукер, кој исто така зборуваше во Конгресот, смета дека нема вистински политички напредок и сепак и’ даде заштита на владата во Багдад, пред се’ од критиките на американските политичари: “Верувам дека лидерите на земјата вистински сакаат да ги решат проблемите, иако тоа трае подлго отколку што ние првобитно претпшоставувавме. Но, опркужувањето и експлозивната ситуација не дозволуваат ништо друго”.

Реакциите на обата извештаја беа различни. Водечки политичари од таборот на Демократите искажаа разочараност - тие не се задоволни со обемот на повлекувањето на трупите. Претседателот на парламентарната Комисија за надворешна политика Том Лантош им се обрати директно на Петреус и Крукер: “Сепак е факт дека администрацијата на Буш ве испрати денеска овде за да ги убедите членовите на Конгресот во тоа дека ние ќе ја добиеме војната. Но, при сиот респект, тоа не ви го прифаќам”.

За време на настапите на Петреус и Крукер постојано доаѓаа извици на протести од трибината за посетители на парламентот. Седницата мораше поради тоа да биде повеќе пати прекинувана. По нејзиниот крај, вечерта се огласија политичките експерти. Џим Барнс од магазинот Нешнел Џорнал извлече вакво резиме: “Од говорите не произлезе многу, но генерал Петреус и амбасадорот Крукер едно секако постигнаа: повторно ги охрабрија најголемиот дел републикански политичари да застанат зад политиката на претседателот спрема Ирак”.

Денеска Петреус и Крукер ќе настапат и пред Сенатот.

Клаус Кастан