1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Петреус - постигнати воените цели со засилувањето на трупите

До средината на јули 2008-ма околу 30 илјади војници ќе можат да бидат повлечени, рече врховниот командант на американските трупи во Ирак Дејвид Петреус во извештајот за состојбата поднесен до американскиот Конгрес

default

Од настапот на генерал Петреус пред Претставничкиот дем на Конгресот на САД

Петреус на самиот почеток ја нагласи својата независност при донесувањето на оцена за состојбата во Ирак: “Прво сакам да појаснам дека се ова мои ставови. Мојата оцена на ситуацијата и препораките им ги упатив на офицерите што ми се подредени. Се’ до моментов кога ви е поделен, никој во Белата куќа, Пентагонот или Конгресот не знаеше, ниту го одобри извештајот”.

Според генералот, во Америка многу оспоруваното засилување на трупите ги постигна краткорочните цели: “Воените цели на засилувањето на трупите, се’ на се’, се постигнати. Во изминатите месеци силите за безбедност на коалицијата и на Ирак постигнаа напредок во областа на безбедноста во земјата и покрај трвдокорните непријателски активности и убиствената летна горештина”.

Насилството и натаму е големо, како и бројот на цивилните жртви, сепак призна генералот во настапот пред Претставничкиот дом на Конгресот, но укажа дека сите статистики покажувале опаѓање на бројот на напади во целиот Ирак по стационирањето на дополнителните трупи на почетокот на годинава. Оттука и неговата препорака: “Во фон на очекуваните успеси во наредните месеци, мислам дека до наредното лето ќе можеме нашите трупи да ги сведеме на нивото од пред испраќањето на дополнителните сили, без со тоа да биде загрозен напредокот кај безбедноста, за кој напорно се боревме”.

Значи, ќе можат да бидат повлечени 30-те илјади дополнително испратени војници – за повлекувањето на другите 138 илјади врховниот командант вели дека ќе може да се процени најмалку по половина година. “Ситуацијата во Ирак и натаму е компликувана, тешка и понекогаш едноставно фрустрирачка, но и покрај тоа верувам дека ние со тек на времето ќе можеме да ги постигнеме нашите цели во Ирак, но тоа нема да оди брзо, ниту ќе биде едноставно” – рече генерал Дејвид Петреус.

Покрај него, пред Претставничкиот дом на Конгресот зборуваше и американскиот амбасадор во Ирак Рајан Крукер, кој процени дека брзо повлекување би водело кон безбедносен вакуум и неуспех: “Според моите проценки, остварлив е безбеден, стабилен, демократски Ирак во мир со своите соседи. Ако се земат заедно предвид внатрешно- и надворешно-политичките, како и економските фактори, трендот на развојот е нагорен, но не толку брз” – оцени Крукер.

Франк Ајшман