1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Петмина американски војници загинаа во Авганистан

Командата на меѓународните заштитни сили во Авганистан, денеска соопшти дека петмина припадници на ИСАФ загинале во јужниот дел на земјата.

Во експлозија на бомба во јужниот дел на Авганистан загинале петмина припадници на војската на САД, соопшти денеска и портпарол на американските вооружени сили.

Информацијата ја потврди и капетанот Лука Карниел од командата на ИСАФ, меѓутоа не ја наведе точната локација на која настрадале војниците. Претходно Џавед Фајсал, портпарол на гувернерот на провинцијата Кандахар, изјави дека патролата на силите на ИСАФ налетала на бомба поставена на пат во областа Маиванд, која важи за упориште на Талибанците.

Со најновите жртви, бројот на загинати странски војници во Авганистан последнава недела се искачи на осум. На почетокот на неделава, при експлозија на бомба поставена крај пат во јужната авганистанска провинција Халманд, беа убиени тројца припаници на британските вооружени сили.

Кон крајот на минатата недела талибанците сооопштија дека започнале „пролетна офанзива“, во чии рамки ќе ги засилат нападите врз странските воени цели и врз дипломатските претставништва.

Со последните пет жртви бројот на припадници на ИСАФ кои годинава загинале во Авганистан се искачи на 47. 32 од нив се Американци.