1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Петкатница во изградба однесе човечки животи во Индија

Најмалку 13 работници загинаа, а повеќе од 40 работници се верува дека се заглавени под остатоците од зграда во изградба, која се урна во крајбрежно село во индиската сојузна држава Гоа, информира полицијата.

Полицијата и околните жители од под урнатините извадија 13 тела на починати работници, додека пожарникарите и спасувачите се обидуваа да најдат преживеани. Урнатините се откопуваат со дигалки, булдожери, лопати, но и голи раце. Со амбулантни возила во болница се пренесени најмалку 3 сериозно повредени работници.

„Извадивме 13 тела од урнатините. Очекуваме бројката на загинати да расте“, изјави Манохар Парикар, премиер на Гоа. „Моменталниот приоритет е да се спасат луѓето заглавени под урнатините, а владата исто така побара помош од армијата за расчистување на урнатините“, додаде тој. Притоа премиерот на Гоа додаде: „Веднаш ќе го уапсиме градителот, изведувачот и општинските функционери вклучени во ова градилиште“.

Индиската полиција се обидува да открие колку лица се наоѓале во петкатната зграда во изградба. Сведоци велат дека на градилиштето имало од 40 до 50 работници.

„Тоа беше како земјотрес, кога зградата падна. Не можеше да се види што всушност се случи од прашината“, објаснува сведокот Рамеш Наик. Друг сведок рече дека зградата едноставно паднала „како кула од карти“.

Индиските власти не ги знаат причините за паѓањето на зградата. Инаку, тоа често се случува во Индија, поради огромната побарувачка на живеалишта и растегливите регулативи, кои често ги охрабруваат инвеститорите да користат супстандардни материјали или, пак, незаконски да додаваат дополнителни катови. Минатиот септември во финансискиот центар Мумбаи се урна петкатен резиденцијален блок, при што загинаа 60 лица. Во април минатата година се урна и друга зграда исто така во Мумбаи, убивајќи 74 лица.