1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Песимистички прогнози

Германската комора за индустрија и трговија анкетираше повеќе фирми во Германија за да дојде до одговорот на прашањето како се одвива конјунктурата во земјата.

Околу 22 илјади фирми од сите делови на Германија беа прашани за актуелната ситуација и за нивните очекувања во оваа година. Деновиве во Берлин беше претставен резултатот на студијата за кунјунктурата за пролетта 2004. Нежната билка по име заздравување на конјунктурата, според мислењето на германските фирми повторно е во опасност. Тоа е резултатот од анкетата на германската Комора за индустрија и трговија. Само 19 насто фирми во Германија својата моментална ситуација ја оценуваат како многу добра, скоро една третина се жалат на лоши зделки. Очекувањата за наредните месеци повторно ги обележува скепса, вели Алекс Ничке од комората за индустрија и трговија:

“Оваа пролет очекувањата на фирмите се повторно полоши отколку во почетокот на годината. Вкупно 28 насто сметаат на подобри зделки во текот на годината, 46 насто на еднаков развој, а 26 проценти на полоши зделки“.

Станува збор за амортизирање зашто во последната анкета од февруари се уште повеќе од една третина фирми позитивно ја очекуваа иднината. Последица е дека фирмите се воздржуваат од инвестиции и не обезбедуваат нови работни места. Една третина од анкетираните имаат намера и натаму да ги намалуваат средствата за инвестиции. И покрај ваквите темни изгледи, германската комора останува на својата прогноза дека германското стопанство во оваа година ќе има пораст од 2 насто, но тоа има мало влијание врз пазарот за работа. Само секоја десетта фирма планира да прими нови работници, објаснува шефот на комората Мартин Ванслебен:

“За вработувања воопшто не може да се зборува. Напротив, ќе продолжи намалувањето до крајот на годинава, иако со позабавено темпо. Врз основа на плановите на фирмите, сметаме на намалување на бројот вработени на годишен просек за околу 100 илјади“.

Лесното економско заздравување во последниве месеци го носи пред се силниот извоз. Фирмите што ги продаваат своите производи во странство забележаа рекордни суми. Според оваа студија се страхува конјунктурата во светот кон крајот на годинава да загуби на темпо. Високите цени на суровините, првите сигнали на инфалција и силното евро би можеле да предизвикаат помалку порачки на производи од Германија. На таквиот развој германската економија тешко може да му се спротивстави. Таа досега не успеа да профитира од бумот во светската економија. Според мислењето на Ванслебен одговорни за тоа се крутите структури на пазарот за работа и даночната политика:

“Германското даночно право веќе не е конкурентно во Европа, токму тоа го заклучивме, а пазарот за работа мора да биде пофлексибилен, додека германскиот пазар мора повторно да стане атрактивен за да не се инвестира во странство“.

Ванслебен бара од владата крај на економскиот “цик-цак курс“ и повеќе консеквентност во спроведувањето на реформите. Тогаш ќе има поголема надеж за растење на билката наречена конјунктура.