1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Перковиќ: Само ја заштитувавме туристичката сезона

По повеќемесечни натегања, Хрватска на Германија и‘ го израчи екс - функционерот на Удба, Јосип Перковиќ. Пренесуваме делови од интервјуто на Перковиќ за ДВ во кое говори за неговата работа.

Симпатичниот господин можете да го замислите како добар дедо на своите внуци. А сепак, пред нас е човек од врвот на германските потерници. Го сретнавме во канцеларијата на неговиот адвокат во моментот кога изгледаше дека екстрадирањето во Германија е прашање на денови. Поради тоа Јосип Перковиќ (насловна фотографија) одлучил за ДВ да го даде првото свое телевизиско интервју. Важно му е, вели, да разговараме исклучиво за неговите активности во врска со хрватските емигранти во странство. Токму поради тие активности го бара германското Сојузно обвинителство од Карлсруе. Перковиќ стана особено интересен во 2008. година кога во Минхен е осуден убиецот на Стјепан Ѓурековиќ, а тој, Перковиќ, е означен како помагач, односно организатор. „Со убиствата немам никаква врска“, вели Перковиќ за ДВ. „Уште одамна реков: со убиството на Ѓурековиќ немам апсолутно никаква врска, како ни со ничија друга смрт. Се занимавав со класична разузнувачка работа, за да ја заштитам хрватската територија и граѓаните.“

„Кој го наредил тогаш убиството на Ѓурековиќ? Тоа Перковиќ не би сакал да го коментира бидејќи тој „не ја водел истрагата“. Сепак, во интервјуто признава дека Крунослав Пратес, кој е осуден за убиството на Ѓурековиќ во 1983. година во баварскиот Волфратсхаузен, бил неофицијален соработник на загрепското одделение на Удба, кое било задолжено за следење на емигрантите. Перковиќ и Пратес разменувале информации телефонски еднаш годишно. „Тој ни пренесуваше информации од приватниот живот, ако дојде до нив.

Тој не беше службено воден, насочуван или обучуван“, вели Перковиќ. Поранешниот висок оперативец на тајната служба тврди дека Хрватите во егзил ги следел со „разузнувачки методи кои не се насилни“. Самиот бил задолжен за „многу“ агенти во Германија. „Нашата основна задача беше заштита на туристичката сезона. Еден дел од хрватските емигранти од подрачјето на Европа и од прекуморските земји, насилно го напаѓаа брегот, со поставување експлозиви и бомби. Задачата на службата беше тоа да го спречи, да ги заштити животите на туристите и сопственоста.“

Иако неговата екстрадиција изгледа дека е сосем извесна, адвокатот на Перковиќ, Анто Нобило сака да ги искористи сите правни опции пред тоа да се случи. И самиот Перковиќ се плаши дека во Германија не го чека чесно судење, и наведува оти постојат бројни пропусти во предистражните и во истражните постапки. Тој тврди дека судењето за убиството на Ѓурековиќ во 2008. не е водено коректно бидејќи се темели на „лажен сведок“- Винко Синдичиќ. На прашањето дали располага со податоци кои би ја компромитирале политичката елита во независна Хрватска, Перковиќ вели дека се тоа само „претпоставки“. „Од 1970. година, па сѐ додека работев, не употребив ниту еден податок кој некого би можел да го компромитира. Дали некогаш ќе морам- не знам.“