1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

“Перење пари“ со помош на државата

Во Германија уште никогаш до сега не било толку лесно и ефтино да се подмират сметките со државниот фискус

Од почетокот на годинава сите оние кои затаиле даночни обврски можат да ги пријават неоданочените приходи и за релативно мали паушални казни да се вратат меѓу чесните граѓани. Понудата на државата важи до март идната година, а оние кои ни на овој повик нема да се одзват, од април 2005-та ќе мораат да сметаат со многу поострени контроли и тоа ширум ЕУ.

Германските даночни обврзници, кои во земјата или во странство примиле пари на црно или пак вложиле пари со каматни добивки, а тоа не го опријавиле за оданочување - имаат единствена шанса да ги “исперат“ парите со помош од државата. Тие треба само да ги пријават затаените приходи и во рок од 10 дена да платат 25% данок на пријавената сума. Овој процент важи до крајот на годинава, а за наредните три месеци до март наредната година важи стапка од 35%. Државата не бара да се исплатат камати на задоцнет данок, а парите вложени на сметки во “даночните раеви“ како Швајцарија, Лихтенштајн или Луксембург можат да си останат на сметките. Бидејќи од затаените приходи не можат да се одбиваат редовните средства за реклами или други инвестиции во претпријатијата, законодавецот им излегува пресрет на даночните “ловокрадци“ и на тоа поле. Така, ако станува збор за затаени приходи од деловно работење, тогаш граѓаните можат да декларираат 60% од вкупниот износ, а ако се во прашање неплатени даноци по основа на наследство или подароци, тогаш стапката е само 20%.

Ваквата предусретливост на државата наидува меѓутоа на критика, бидејќи граѓаните кои чесно и редовно ги исполнуваат своите даночни обврски, на овој начин излегуваат смешни. Тоа станува јасно од следниот пример: ако некој даночен обврзник премолчал приходи од 100.000 евра, тогаш мора според спомнатиот закон да пријави само 60.000. На нив треба да плати данок по стапка од 25 проценти, што се на се изнесува 15.000 евра. Тоа значи дека државата се задоволува реално гледано со даночна стапка од 15%, што е за еден процент помалку и од најниската стапка на оданочување во Германија, а да не зборуваме за фактот дека оние кои најмногу заработуваат се оданочуваа дури и по стапка од 45%.

Така понудата на државата за враќање меѓу чесните граѓани станува навистина вносна. Дотолку повеќе службениците на Даночната служба на Германија се чудат на малиот досегашен одзив.