1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Перес бара интервенција на Арапската лига во Сирија

Израелскиот претседател Шимон Перес побара Арапската лига да испрати мировни сили во Сирија. Најголемата закана за светскиот мир е иранската влада, предупреди тој во Европскиот парламент.

Шимон Перес, со оглед на граѓанската војна во соседната Сирија, ги повика државите од Арапската лига да интервенираат.

„Арапската лига може и треба да формира времена влада во Сирија, за да се прекине со крвопролевањата“, изјави тој.

Перес не побара експлицитно воено вмешување, туку арапски трупи како сини шлемови со поддршка на ОН. Само така ќе биде ставен крај на сириската трагедија и ќе се спречи распад на Сирија. Западни интервентни трупи би се сметале за вмешување од страна и не би биле прифатени, смета Перес.

Слободарскиот свет не смее да гледа како сирискиот претседател врши масакр врз сопствениот народ. Перес го обвини Асад за тајна изградба на нуклеарна постројка и поседување арсенал со хемиско оружје. Атомската постројка беше навремено уништена, но сега на ред е спречување хемиското оружје да падне во погрешни раце, истакна Перес.

Во говорот во Европскиот парламент израелскиот претседател, пак, го оквалификува актуелниот ирански режим како „најголема закана за мирот во светот“. Тој нагласи дека либанската група Хезболах е терористичка организација.

„Никој не му се заканува на Иран. Иран е закана за другите“, нагласи тој.

Peres und Schulz in Europaparlament 12.03.2013

Шимон Перес и Мартин Шулц

Според него иранскиот режим е закана за постоење на Израел, шверцува оружје во други држави за да ги дестабилизира, го негира холокаустот. Тој упати повик до парламентарците да ја стават Хезболах на листата на терористички организации.

89-годишниот шеф на Израел пред Европскиот парламент прикажа оптимизам во однос на мировниот процес со Палестинците. Наскоро во Израел ќе биде формирана нова влада, што е повод за почеток на преговори. Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ја поздрави изјавата на Перес:

„Сите сакаме да доживееме двата народа да живеат еден покрај друг во две демократски држави со сигурни граници“.

Перес во 1994 година ја доби Нобеловата награда за мир со тогашниот претседател на Палестинците Јасер Арафат.