1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пердју: Охридскиот договор модел и за други конфликти

Џејмс Пердју, поранешниот заменик-генерален секретар за операции во НАТО, во 2001-та година, како „олеснувач“ во преговорите меѓу македонската и албанската страна го креираше Охридскиот рамковен договор.

default

Џејмс Пердју

Во интервју за ДВ по повод десетте години од потпишувањето на Рамковниот договор Џејмс Пердју ги изнесува своите мислења за неговата имплементација.

ДВ: Господине Пердју, каков е вашиот коментар околу примената на овој меѓународен документ, сега веќе вграден и во македонскиот устав?

Пердју: Јас сум многу задоволен поради спроведувањето на Охридскиот рамковен договор. Беше тешко да се преговара, но беше многу потешко да се применува, а тоа е она што е важно. Рамковниот договор ја придвижи Македонија понатаму напред кон полна демократија, права на граѓаните, кон признавањето на културниот и етничкиот идентитет на луѓето во земјата. Постигнат е голем напредок.

ДВ: Во изминатите години во земјата се појавија одделни критики и во врска со самата суштина на договорот, дека тој не само што не се спроведува, туку и оти не е добар инструмент за заштита на етничките права на Албанците и другите етнички заедници.

Пердју: Основните начела на охридскиот документ – демократијата, еднаквите права на граѓаните и признавањето на културниот идентитет на различните граѓани во земјата – се реализирани во голема мера. Тоа ја движи Македонија напред.

Mazedonien

Џејмс Пердју и францускиот дипломат Франсоа Леотар со тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон

ДВ: Ако таа имплементација ја придвижува Македонија нанапред и ако се смета дека само така Македонија може да стаса во ЕУ и во НАТО, тогаш зошто таа се уште не е зачленета таму?

Пердју: Разочарувачки е тоа што Македонија се’ уште не е членка на НАТО и Европската Унија, но јас се надевам дека ќе се надмине спорот со Грција и оти таа ќе му се приклучи на останатиот регион во евроатлантското членство.

ДВ: Во политичкиот живот во Македонија повремено се случува своевидна лицитација, изразена во проценти, околу тоа во колкава мера е спроведен до сега Рамковниот договор. Еден од неговите потписници и поранешен премиер Љупчо Георгиевски тврди, на пример, дека „договорот е реализиран речиси 90 проценти, а во некои поглавја е и надминат“. Кој би бил Вашиот став во врска со тоа?

Пердју: Не би зборувал за проценти. Не знам дали 90 проценти е точно, не знам дали некои проценти се точни. Но, можеме да кажеме дека принципите на Рамковниот договор се усвоени – еднаквите права и признавањето на културите. Дали е тоа совршено? Не, не е совршено. Примената на Рамковниот договор беше голем проблем, во тој поглед тоа е некаде на средината. Но, сепак, Македонија добива добри оценки поради оживотворувањето на Рамковниот договор.

ДВ: Господине Пердју, вие имате кажано дека „постигнувањето на Охридскиот договор, самиот начин како Европската Унија, НАТО и Соединетите Американски Држави истовремено реагираа во 2001-та година за гаснење на воениот пожар и за смирување на етничките тензии во Македонија, може да претставува модел за надминување на етничките конфликти и во други кризни региони во светот“. Ве молам, конкретизирајте?

Пердју: Всушност, Рамковниот договор е веќе употребен не како обврзувачки документ, туку како модел, кој другите го користат во други подрачја. Мислам дека Марти Ахтисари го искористи Охридскиот договор за своите принципи за Косово. Сметам дека тој се аплицира веројатно и во други региони. Направена е навистина добра работа во признавањето на правата и привилегиите на малцинствата.

ДВ: Господине Пердју, некои лидери на релевантни албански политички партии и други политичари од овој етникум во земјата сметаат дека Рамковниот договор треба да се прошири со нов корпус на албански етнички барања. Што мислите Вие?

Пердју: Всушност, Охридскиот договор е завршен и сега им преостанува на Македонците да работат на прашањата, кои се надвор од него. Кога велам „завршен“, мислам дека нема да биде отворен за повторни расправи и дека тоа прашање е во рацете на Македонците и на етничките Албанци, за да биде решено.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Горан Чутаноски