1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пентагон враќа на работа голем дел од вработените

Пентагон ќе повика голем дел од околу 350.000 цивили, кои работат во Министерството за одбрана, а кои се на принуден одмор. Конгресот одлучи да им биде платено на административците за деновите поминати дома.

Претставничкиот дом на САД, во кој мнозинство имаат републиканците, едногласно вчеравечер (05.10) донесе закон со кој ретроактивно ќе им бидат исплатени пари на работниците кои минатава недела останаа дома, поради затворањето на голем дел од американските државни институции. Белата куќа информираше дека претседателот Барак Обама ќе ја потпише ваквата одлука. И покрај тоа, и натаму не се гледа знак за ставање крај на проблемот во Вашингтон, ниту има меѓупартиски преговори.

Во меѓувреме, Пентагон информираше дека ќе повика големо мнозинство од околу 350.000 вработени цивили. Министерот Чак Хејгл вчера соопшти дека донесол одлука речиси сите испратени на принуден одмор да ги прогласи за неопходен персонал за одржување на националната безбедност и да ги врати на работа од следната недела.

Chuck Hagel im Pentagon

Чак Хејгл

Двете партии застапени во Конгресот се согласни дека не сакаат Владата, а особено не армијата, да бидат блокирани, но и покрај тоа не можат да се согласат околу буџетот, за кој опозициските републиканци инсистираат да се донесе без здравствената реформа „Обамакер“, додека демократите бараат да биде изгласан во целина.

„Законот ни дозволува да го запреме принудниот одмор за сите кои придонесуваат кон моралот, благосостојбата, подготвеноста и опременоста на армијата“, изјави министерот Хејгл.

И покрај речиси нормалното функционирање на голем дел од централната Влада, Хејгл предупреди дека доколку блокадата потрае, Министерството за одбрана ќе се соочи со недостиг на материјали, опрема и пари за вршење обуки.

Принудниот одмор за вработените во Пенгатон и воените бази во САД и ширум светот, беше без конкуренција најзабележителниот дел до досегашната блокада, доколку не се сметаат секојдневните обиди да се отворат, односно затворат спомениците во центарот на Вашингтон. На социјалните мрежи се подготвува марш на воените ветерани, кои се повикани на 13 октомври да дојдат во Вашингтон и да го изразат својот протест поради одлуката на Владата да ги затвори и нивните споменици.

„Нема да дозволиме да бидеме пиони во оваа криза. По буџетската криза, ќе одиме во Конгресот и ќе побараме закон со кој ќе се спречи какво било затворање на нашите споменици во иднина, од кои било причини освен за нивно одржување“, пишува во повикот за марш во Вашингтон.