1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пензијата на Вулф ги разбранува страстите

Одлуката на поранешниот германски претседател Кристијан Вулф да му се доделат 200 илјади евра доживотна пензија предизвика бура во Германија.

Дел од германските политичари и експерти остро ја критикуваат одлуката на поранешниот претседател Кристијан Вулф да му се додели доживотна пензија од 200 илјади евра годишно. Канцеларијата на сојузниот претседател вчера соопшти дека „се создадени сите услови“ за 52-годишниот Вулф да ја добива пензијата.

Поради серијата скандали, Вулф се повлече од функцијата по само 20 месеци. Прво беше откриено дека зел непријавен кредит од познат бизнисмен по многу поволни услови. Неколку месеци подоцна аферата прерасна во скандал, откако обвинителството во покраината Долна Саксонија побара да му биде одземен имунитетот поради истрага за можна корупција, во периодот додека бил на чело на владата на оваа покраина. Вулф одлучи да се повлече веднаш по објавувањето на одлуката на обвинителството.

Критичарите велат дека пензијата им следува само на експретседатели кои си заминале од здравствени или политички причини, а не од лични, како што тоа беше случајот со Вулф. Политичарот на опозициската СПД, Ралф Штегнер, оценува дека одлуката за доделување доживотна пензија ќе мора да се преиспита доколку Вулф биде правосилно осуден по обвинението.

Пензијата која ќе ја добива Вулф е околу петпати поголема од просечната плата во Германија и за 16 пати поглема од просечната пензија во земјата.

На местото на Вулф, кон средината на месецов, се очекува да биде избран Јоахим Гаук, протестантски свештеник во поранешна Источна Германија.

Автор: БГ/дв/ртр

Редактор: Ж. Ацеска