1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Пеналите по подолго време среќни за Холандија

"Лалињата" се третиот полуфиналист на европското првенство во фудбал.

Разочарувањето кај Швеѓаните-големо

Разочарувањето кај Швеѓаните-големо

Во синоќешниот четвртфинален натпревар Холандија ја елиминираше репрезентацијата на Шведска по поуспешното изведување на пеналите.

Регуларниот дел од вчерашниот натпревар на стадионот Алгарве во Фаро заврши без голови , а 0:0 остана и по двете продолженија од по 15 минути.

Одлуката за тоа кој ќе игра со домаќинот на првенството Португалија во првиот полуфинален натпревар на 30 јуни во Истамбул мораше да биде донесена со изведувањето на пеналите, и тоа дури во шестата серија. Тогаш холандскиот голман Едвин Ван Дер Сар успеа да го одбрани шутот на капитенот на шведската репрезентација Олаф Мелберг ,а големата холандска фудбалска надеж Арјен Робен веднаш потоа беше поуспешен од бранителот на голот на шведската екипа , Андреас Исаксон.

Холандскиот селектор Дим Адвокат изрази задоволство поради пласманот на својата екипа во полуфиналето , истакнувајќи дека претставува неверојатно олеснување тоа што Холандија конечно добила еден меч на големи натопреварувања по изведувањето на пеналите.

Претходно на четири големи натпреварувања Холанѓаните испаѓаа токму поради неуспешното изведување на пеналите.

Ниту Арјен Робен , крилниот играч кој беше еден од најзабележителните во холандскиот тим за време на 120 минутниот натпревар не го криеше своето задоволство .

“Ова ми е најдобриот момент во досегашната кариера. Беше многу возбудливо . Можеби не го одигравме најдоброто , но на крајот имавме и среќа. Конечно добивме на пенали и време е да славиме”-истакна Робен.

Од другастрана двајцата селектори на репрезентацијата на Шведска Томи Содеберг и Ларс Лагербек, изјавија дека и покрај горкиот пораз на пенали тие биле задоволни од играта која ја пружил нивниот тим против Холандија.

“Целиот тим функционираше добро и во нападот и во одбраната . Играчите беа концентрирани цело време. Покажаа дека сакаме да победиме , напаѓавме и имавме контрола во финишот на натпреварот. Воопшто не е лесно да се изгуби на пенали” - истакна Содеберг.

Лагербек , пак го истакна фактот дека Шведска на последното Светско Првенство загуби со златен гол , додека сега беше елиминирана на пенали.

По натпреварот видно натажен беше шведскиот репрезентативец Фреди Љумберг, инаку играч на англискиот шампион Арсенал.

“Создадовме многу шанси. Многу сме разочарани"-зборуваше Љумберг во името на сите свои колеги од репрезентацијата.

Денеска се игра последниот четвртфинален натпревар на европското првенство во Португалија. Поуспешниот од дуелот Чешка – Данска во полуфиналето го очекува најголемото изненадување на шампионатот -Грција.