1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пекол на улиците на Сана

Најмалку 96 лица загинаа, а околу 300 се ранети денеска во самоубиствен напад врз војници во јеменскиот главен град Сана, соопштија воени извори.

Сите жртви во нападот се војници, а напаѓачот бил облечен во воена униформа. Голем број од војниците се пренесени во болница во тешка состојба, а лекарите не ја исклучуваат можноста бројот на убиените да се зголеми.

Целта на нападот биле војници кои вежбале за утрешната воена парада по повод националниот празник на Јемен - Денот на повторното обединување на земјата пред 22 години.

Очевидци раскажуваат дека реонот е „покриен со делови од човечки тела“.

Западните медиуми објавуват дека ова е прв напад од толку голем размер по стапувањето на власт во февруари на новиот јеменски претседател Абд Рабу Мансур Хади, кој вети дека со преземањето на должноста безмилосно ќе се бори против Ал Каеда.

Досега никој не презел одговорност за нападот, но претставници на власта и на армијата претпоставуваат дека тој е извршен од јеменскиот огранок на терористичката мрежа Ал Каеда, чии неколку лидери беа убиени во последните месеци.

Јеменските безбедносни сили на 12. мај започнаа голема офанзива против Ал Каеда со цел да се врати контролата врз градовите во јужниот дел на земјата, кои беа преземени од терористичката организација. Од почетокот на операцијата, според податоци на некои медиуми, биле убиени 213 лица, меѓу кои 147 борци на Ал Каеда.