1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Пекарница на надежта за Сребреница

Сребреница ќе ја добие првата пекарница по војната. Германецот Дирк Планерт го одржа ветувањето и на повратникот Авди Шуљиќ му донираше се’ за пекарницата. Планерт им помагаше на бегалците и ранетите во војната во БиХ.

Сребреница е единствен град во БиХ што нема пекарница. Тоа ќе се промени наскоро, кога ќе завршат подготовките за отворање на пекарницата. Тогаш сребреничани ќе ги пробаат првите лебови испечени после војната во овој град. Опремата за пекарницата е донација од хуманитарната организација „Помогни и’ на Сребреница“ (Help Srebrenica) од Дортмунд. Нејзиниот основач е германскиот новинар и хуманитарец Дирк Планерт, а приказната за фондацијата и пекарницата започна во октомври минатата година во локално кафуле за време на разговор со жители на Сребреница.

„Разговарав со едно момче. Тој се вика Авди Шулиќ и има 40 години. Беше невработен, како и неговите пријатели. Го прашав што е неговиот сон. Ми кажа дека нема соништа, а и да има, тука не се остварливи, бидејќи ништо не функционира. Му реков дека тоа е невозможно и дека мора да има некаква желба. Го прашав што би сакал да има во околината, за кое знае дека би можело да биде изводливо. Тогаш ми кажа дека работел како пекар, но дека не може да најде работа, бидејќи во Сребреница нема ниедна пекарница“, објаснува Планерт.

Bäcker Avdo Suljic

Пекарот Авди Шулиќ е среќен што доби пекарница

Во тој момент нему му се родила идеја за отворање пекарница, бидејќи истиот ден фотогафирал една стара госпоѓа која со дрвен стап од контејнерот вадела мувлосан леб.

„Видов луѓе кои немаа леб и луѓе кои со задоволство би работеле и произведувале леб. Беше сосема логично дека би решил многу проблеми кога би помогнал да се отвори пекарница. Таа ноќ му ветив на Авди дека ќе му помогнам да набави се’ што му треба за пекарницата. Потоа мораше да се оформи фондацијата ’Помогни и’ на Сребреница’“, додава Германецот.

Босанецот Авди веќе седум години е без работа и со нетрпение го очекуваше транспортот од Дортмунд на печката, плеховите и се’ што е потребно за да работи една пекарница. Дирк се погрижи и за одредена количина на брашно која добро ќе му дојде на Авди за почеток. Тој, и самиот вели, дека не може да поверува дека се случуваат вакви работи и дека има такви луѓе. Среќен е што ќе добие прилика да живее од својата работа, но и што на неколку сограѓани ќе им помогне да се вработат.

„Јас се’ уште не можам да поверувам дека ова се случува. Во план ми е да вработам вкупно шест работници, вклучувајќи ме и мене. Меѓу вработените ќе има еднаков број на Срби и Босанци. Мислам дека е потребна пекарница во Сребреница, бидејќи пред околу четири години се затвори една испорака на пекарница од Братунац. Тоа и не беше пекарница, туку во неа се носеше готов леб. Мислам дека ќе можеме да работиме. Имам намера лебот бесплатно да го давам на невработените, тие кои не можат да го купат, старите луѓе и инвалидите“, вели Авди.

LkW mit Hilfe aus Deutschland für Srebrenica

Камион со помош за Сребреница од Германија

Отворањето на пекарницата ќе биде помогнато и од општина Сребреница, која ја презема обрврската да го прилагоди просторот и да пружи финансиска поддршка за вработување на работниците.

Во градот на сенките и безнадежноста

Дирк Планерт во Сребреница првпат дошол во октомври минатата година со намера да известува за локалните избори. Набрзо сфатил дека таа тема не е интересна за европските медиуми, па својата работа ја пренасочил кон истражување и запознавање со ситуацијата и луѓето во градот. За тоа што го видел и доживел Дирк вели:

„Ако само поминете низ Сребреница нема многу да забележите. Ако останете малку подолго и разговарате со луѓето, ќе разберете дека Сребреница е град на сенки. Тие одеднаш ќе се појават и тоа кога е многу сончево. Остварив многу контакти со прекрасни луѓе. Се смеевме и беше убаво, но одеднаш ќе се појави нешто мрачно и тогаш знаеш дека си во Сребреница“.

Фондацијата помага и на локалната болница

Локалната болница во која се лечат сребреничани е, вели Дирк, во очајна состојба. Не постојат ни основни хигиенски услови за помош на пациентите. На него, кој доаѓа од една средена земја, не му е јасно како воопшто може да се дозволи една здравствена установа да падне на толку ниско ниво. Ѕидовите се покриени со мувла, небојадисани, подовите уништени, недостасуваат основни средства за работа...

Dirk Planert mit den Ärtzten aus Srebrenica

Дирк Планерт со лекарите од Сребреница

„Кога гледам во каква состојба е болницата се прашувам каде завршија парите од помошта за Сребреница. Тие некаде стигнаа, но не до луѓето во Сребреница. Никој тука не сака да инвестира и е ужасно тешко. Стекнав впечаток дека и политичкиот врв во Бања Лука тука не сака да се случи нешто позитивно“, оценува Германецот Планерт.

Досега фондацијата „Помогни и’ на Сребреница“ прати еден камион со помош за болницата. Сега се собираат средства за повторно да се испрати помош. Еден од проектите на оваа фондација е да се помогне и на една девојка која денес има 21 година, а на 18 месеци е ранета од шрапнел во ногата. Неа и е обезбедена операција во Сараево. Средствата за помош на Сребреница Дирк ги собира со помош на пријатели кои доброволно се ангажираат да и’ се помогне на Сребреница. Во моментов во тек е акција за собирање донации во која учествуваат и локални компании во Дортмунд. Парите можат да се донираат и преку СМС порака, како и со уплата на банкарската сметка на фондацијата.

Малиот Шваба на Балканот

Во април 1992 Дирк првпат дошол на Балканот. Тој како студент се занимавал со новинарство и тргнал кон Хрватска да види што се случува во земјите на поранешна Југославија. Го посетил Вуковар и неколу кампови за бегалци. Во Ријека, додека живеел во манастир, еден свештеник го нарекол малиот Шваба. Пријателите од БиХ и Хрватска и денес така го викаат.

Dirk Planert in der Gedenkstätte Potocari

Дирк Планерт: „Ако останете малку подолго во Сребреница и разговарате со луѓето, ќе разберете дека тоа е град на сенки“

Родителите на Дирк Планерт на почеток се противеле на неговото доаѓање во Хрватска и БиХ. Го советувале да се врати и да продолжи со започнатите студии. Но, тој се враќал во Германија, собирал помош и повторно одел во кризните жаришта. Живеел во камповите за бегалци, каде точно знаел што треба да се прати во наредната тура со помош. Дури и ги убедил брат му и татко му да дојдат со него во Хрватска. Кога виделе што прави Дирк, никогаш не му рекле да се врати назад на факултет, туку и тие повторно доаѓале во камповите за бегалци и помагале колку што можеле.

Во опколениот Бихаќ

Кога ситуацијата во кампот за бегалци во Карловац станала подобра, Дирк се упатил кон Бихаќ. Заедно со двајца Германци успеал да влезе во опколениот град:

„Најмногу ме интересираше што и’ треба на болницата во тој град. И кога се вратив во Германија настојував да купам камион и да го наполнам со точните нешта и лекови потребни на болницата. Успеавме да собереме се’ што ни требаше и првиот камион некаде во август 1993 стигна во Бихаќ“.

Дирк Планерт денес живее во Дортмунд и работи како новинар. На еден ѕид во неговиот стан има големо знаме на Босна и Херцеговина, но и бројни фотографии од хуманитарните патешествија. На фотографиите се главно пријатели од БиХ и од Хрватска, жртви и сцени од војната. Се поретки се контактите со пријателите и познаниците од тие воени денови. Неодамна, кога неколку фотографии од Бихаќ ставил на својот Фејсбук профил, му се јавила една девојка од фотографиите од војната.

„Добив порака од Аида Нунс од Чикаго. Се омажила за Шпанец и завршила политички студии, насока Балканистика, и е со намера да разбере што и зошто се случувало тоа. Ми напиша: ’Ти беше нашиот ангел и ни покажа дека и ние добивме дел од тој добар свет кој постои некаде’“.

Тоа овој Германец, кој својата удобност, сигурност и перспектива во животот во Германија го замени со неизвесност, судири и војни за да им помогне на луѓето во БиХ, го трогна до солзи.