1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

„Пачворк“ семејство - модел за среќа?!

Иако нема конкретни бројки, таканареченото „пачворк“ семејство е дел од секојдневието во Германија. Од малкуте истражувања експертите дефинирале три модела „пачворк“ семејства.

default

Каде ти се родителите? Мислиш тато со новата жена? Или мама со новиот маж? Или мама и тато???

Пред повеќе од дваесет години, во телевизиски серии за првпат се појави таканареченото „пачворк“ семејство. Во него ги немаше класичните термини маќеа, очув, посинок... Без конфликти и среќно здружени дефилираа членовите од две пропаднати заедници. Ваквиот модел денес не е веќе медиумска егзотика, туку карактеристика на модерното живеење на лицата од јавниот живот и естрадата, но и на многу наши соседи и колеги.

Експертите, меѓутоа, немаат дилеми дека секојдневието на ваквото заедништво навистина е без проблеми и дека е вистински рецепт за среќен живот.

Во реалноста не е! Добра половина од новите семејства повторно се разделува и повторно е во потрага по ново проширување...“, го пренесува искуството од својата работа Кристиане Рекман, социјален работник и претседавач на асоцијацијата „Форум на иднината - семејството.“

Во суштина, познавачите на приликите велат дека она што се прикажува во медиумите не е вистината за „пачворк“ семејството. Каква е тогаш реалноста на децата, старите и новите членови на ваквата целина? Досега немало сеопфатно истражување и поради тоа што статистиката внимава на приватноста и заштитата на податоците. Втора работа е што не се знае ни точниот бројот на ваквите семејства.

Динамика од памтивека

Инаку, „пачворк“ семјството не е измислица на новото време. Го имало и во минатото, а тоа биле големите семејства и животот на повеќе генерации под еден покрив.

Zukunftsforum Familie

Среќата не е гарантирана ниту во новите семејства - Кристијане Рекман

„Едно нормално семејство е динамичен систем во кој лицата доаѓаат и заминуваат. Конечно и во „пачворк“ семејството се случуваат сите работи што се секојдневни“, објаснува д-р Валтер Биен, раководите на Одделот за набљудување и методи на Институтот за млади. Според него, разделбите порано биле поинакви. Имало војни, болести, луѓето умирале и на нивно место доаѓале нови членови. Сега заедницата главно се растура поради разводи, по што еден или двата родители создаваат нови домаќинство во кои живеат малолетните деца, во кои се раѓаат и нови и од кои еден ден пораснатите деца и заминуваат. Малиот број истражувања вели дека во Западна Германија, во вакви нови семејства живеат 8 проценти од луѓето на возраст меѓу 18 и 55 години. Во источните покраини процентот изнесува 12. Но, во најновите анализи основен критериум е возраста на децата.

Валтер Биен кажува и дека за истражувањето кое во суштина е многу комплексно не можело да се искористи компјутерска програма, туку биле применети класични интервјуа со членовите на „новосклопените“ семејства, при што резултатите биле изненадувачки.

Три типови „пачворк“ семејства

Од овие истражувања биле диференцирани три типови „пачворк“ семејства. Едното експертите го именувале како „нормално“ семејство. Во него таткото не е генетски родител, но за тоа никој, па некогаш дури ни самиот тој не знае! Во Германија не се знае бројот на вакви заедници, за разлика од Британија каде со генетско истражување се открило дека дури 10 проценти од татковците не се биолошки родители на своите деца. Ист резултат имало и малото истражување што во 2000-тата е спроведено во Јена. Но, како што коментира Биен, дел од татковците не ја знаат или не сакаат да ја знаат оваа реалност, така што во суштина ваквите „пачворк“ семјства

Zukunftsforum Familie

Истражувањата детектираа три типови „пачворк“ семејства - Валтер Биен од Институтот за млади

функционираат како нормалните!

Втората група се новите семејства „склопени“ од пропаднатите во кои се’ функционира како на филм. Децата се добро интегрирани и прифатени од новиот партнер кој живее во заедницата, тие одлично контактираат со биолошкиот родител кој не е во домот, но и со неговиот партнер, со бабата и дедото, со полубраќата и сестрите.

Прашање кое многумина си го поставуваат е: кога за децата е најбезболна разделбата на родителите и создавањето нова заедница?

„Децата се неверојатно конзервативни! Тие не сакаат промени. Сакаат родителите да останат заедно. Сакаат се’ да остане како што си е“, прецизира Валтер Биен, според кого најкритична е третата група „пачворк“: проблематичните семејства.

Во нив поради драматичните разводи и користењето на децата како оружје, создадени се трауми. Децата не ги прифаќаат разделбите, имаат чувство на вина, но и омраза кон новите партнери на биолошките родители.Најпогодени се машките деца до 16 години кои остануваат со мајката, кои ја преземаат одговорноста на таткото и појава на нов партнер за нив е катастрофа.

Во „пачворк“ семејство од сите групи издршката на децата е на товар на биолошките родители. Но, најважни се чувствата на љубов, доверба и поддршка кои децата ги добиваат.

„Семејството е работа. Семејството е секојдневието! Секој ден не сме исто расположени. И доколку нешто се случи, не смее веднаш да се фрла масло в оган, туку треба да се биде потолерантен. Затоа е важно да имаме помали очекувања и пониски идеали за партнерството и семејтвото“, заклучува доктор Валтер Биен од Институтот за млади.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска