1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Пахор: На Македонија треба да и' се додели датум за преговори

Претседателот на Словенија Борут Пахор во Европскиот парламент во Стразбур истакна дека е потребно на Македонија да и' се додели датум за преговори со Европската унија во јуни.

Одговарајќи на прашање на конференцијата за печатот, дали шефовите на држави или влади на идниот европски самит ќе имаат храброст да и' доделат датум за почеток на преговори на Република Македонија?, Пахор одговара:

„Мојот одговор е да. Иако прашањето за името не е решено, јас сум да и' се додели датум за почеток на преговори на Македонија. Како голем пријател на Македонија, јас можам само да жалам што не се искористи можноста, која и' беше дадена да го реши проблемот со Грција. Но, независно од ова, мислам дека е важно да и' се додели датум за почеток на преговорите на Македонија“, истакна Пахор на конференцијата за печатот.

„Потребно е да се најдат решенија за проблемите, а не да се зголемат проблемите. Потребно е да и' се додели датум на Македонија, но тоа е мое лично мислење. Ова под еден услов, кога одлуката ќе биде донесена, Македонија и Грција во еден разумен рок треба да се согласат да најдат решение и компромис за прашањето за името.“

Да се следи примерот на Словенија и Хрватска

Пахор смета дека во овај конфликт не треба да има ниту победник ниту поразен, бидејќи тоа се соседни земји кои ќе бидат во иста заедница. Притоа тој го посочи примерот на начинот на кој неговата земја и Хрватска го решија граничниот спор со компромис.

„Македонија и Грција треба да го направат истото“, нагласи Пахор.

Ако на Македонија не и' се додели датум за преговори, Пахор мисли дека Македонија и Босна и Херцеговина ќе бидат оставени на страна и ќе бидат заборавени на Балканот. „Но ние можеме да сметаме на Црна Гора и Србија за да се напредува во преговорите, бидејќи Србија ги решава на интересен начин односите со Косово.“

Што се однесува до Косово претседателот на Словенија е убеден дека ќе се најде на европскиот пат иако некои држави не го признаваат како држава.

Сите земји од Балканот членки на ЕУ

Борут Пахор беше категоричен, сите земји од Балканот треба да станат членки на ЕУ.

„Перспективата за членство на балканските земји во ЕУ и перспективата на ЕУ која ги прифаќа балканските земји е нешто позитивно, но добро знаеме дека во европските институции сега се работи на справувањето со кризата и процесот на проширување се забави“, додаде Пахор.

Во Европскиот парламент тој ја искористи можноста да зборува за процесот од Брдо кој настана по иницијатива на Хрватска и Словенија, иницијатива на која им се приклучија сите шефови на држави од регионот. Главна цел на оваа иницијатива е решавање на политичките проблеми по мирен пат како и зацврстување на економската и другите видови на соработка.

Тоа се работи на кои ЕУ и Брисел можат да се потпрат во процесот на проширувањето, кој сигурно, според претседателот на Словенија, ќе биде забавен по приемот на Хрватска.

„Балканот напредуваше самиот од себе си, а не поради притисоците од Брисел. Иднината на Балканот е зачленувањето во ЕУ, но претходно е потребно да се исполнат условите“, нагласи Пахор.

Претходно пред европратениците, Борут Пахор на пленарната седница во Стразбур ја истакна важноста од усвојувањето на нов европски устав, повикувајќи на нов правен и политички чекор кон „сеопфатно продлабочување на Европската унија". Тој исто така додаде дека е свесен дека „некои се спротивставуваат на тоа", но промените се потребни од демократски аспект.

„Европската идеја по Втората Светска Војна често се наоѓала на крстопат каде што биле потребни храбри и амбициозни одлуки. Мислам дека сега сме на еден од овие крстопати. Исто така мислам дека ние немаме бесконечно долго време да се одлучиме", рече претседателот на Словенија пред ЕП во Стразбур.