1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Пат во неизвесност - авганистански бегалци заглавени во Грција

Секоја година илјадници Авганистанци ја напуштаат својата земја за во земјите од ЕУ да најдат подобар живот. Најголем дел од барателите на азил се одбиени. За многумина Грција е повеќе чекалница отколку трајно решение.

На полноќ некаде во Егејското море, меѓу Турција и Грција, петмина млади Авганистанци седат во едноставен гумен чамец и веслаат за нивниот живот. По шест часа, како што им ветил криумчарот, го завршија илегалното патување во рајот, односно Грција и од таму во ЕУ. Но, само што бродот стаса до грчкиот брег, тие беа пречекани со пукотници. Ахмад Карим (името променето, поради заштита, н.з.) се сеќава:

„Граничните полицајци не’ притворија и не’ ставија во брод. Кратко време потоа, не’ исфрлија во вода во близина на мал ненаселен турски остров“.

Карим, во тоа време на 23-годишна возраст, и неговите продружници биле спасени од турски рибар. Потоа отпатувале кон Истанбул, за неколку недели подоцна да го продолжат патот кон Западот.

Бегалците жртви на банди

Секоја година илјадници Авганистанци пробуваат да ја напуштат својата земја како и Карим, а причината е насилството, несигурноста и бесперспективноста. Тие паѓаат во раце на банди, кои им ветуваат сигурен живот во некоја европска земја.

Griechenland Immigration Ausländer aus Asien mit Handy in Athen

Преку Грција до Западна Европа - авганистанските бегалци се надеваат на подобра живеачка

„Ние овде не се занимаваме со луѓето што им помагаат на бегалците, туку со плаќањето поради тоа. Одново и одново гледаме дека бегалците умираат, бидејќи се убивани од криумчарите, на пример оставени на цедило на отворено море“, вели Стефан Телекен, портпарол на германскиот оддел во Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР).

Авганистанските бегалци кои сакаат да аплицираат за азил во Австралија, патуваат преку Пакистан, Малезија и Индонезија. Кој сака како Ахмад Карим во ЕУ, ја избира најчесто рутата Иран-Турција-Грција. Многумина Авганистанци патуваат во повеќе етапи, поради недостиг на пари. Илегалното влегување во Европа чини до 10.000 евра по лице. Карим имал пари само за илегално патување до Иран. Таму морал остатокот од парите за патувањето да ги заработи.

„Во Иран, како авганистански бегалиец, си само експлоатиран и злоупотребен, на начин на кој никогаш не би третирал човек“, вели Карим.

Работа на црно за отплаќање на шверцерите

Во Иран живеат околу еден милион авганистански бегалци, а многумина од нив транзитираат кон Европа. Карим три години се криел кај познаници и роднини. Тој ја прифаќал секоја работа, најмногу во јагленокоп, се’ додека не заштедил доволно средства за со помош на шверцерска банда за криумчарење луѓе да пребега во Турција. По едногодишна работа на црно во различни градови во Турција, тој тргнал на пат кон Грција. Првиот обид пропаднал. При вториот обид тој имал среќа. Полицајците кои го притвориле овојпат не го фрлиле повторно во вода. Тие го испратиле во Атина, за таму да одговара пред надлежните органи.

Afghanen in Iran

Авганистански илегални мигранти во Иран

„Грција е во многу тешка политичка и економска ситуација. Во исто време Грција нема функционален азилантски систем. Тој практично е колабиран, поради десетиците илјади барања за азил. Нему му недостига капацитет. Многу баратели на азил живеат во апсолутна мизерија. Државата не е во состојба на никаков начин да им помогне“, вели портпаролот на УНХЦР во Германија Штефен Телекен.

Авганистанците формираат свои банди

Карим во Атина сретна илјадници свои сонародници – како сами млади мажи, така и фамилии со повеќе деца. Сите се обидуваат да ја напуштат Грција во правец кон Западот. Криумчарите наплаќаат по 5.000 евра од човек за такво нешто. Тешко дека некој од познаниците на Карим поседува толку пари. Некои од Авганистанците создадоа криминални групи во Атина.

„Тие се претставуваат како шверцери и собираат пари од бегалците, со ветување дека наскоро ќе ги однесат во Европа. Ако се посомневаат дека некој има пари, тие му се закануваат и заедно го напаѓаат се‘ додека не им ја остави својата заштеда“, вели Карим.

Тој се обидува околу пет години да ја напушти Грција, но тоа не му успева. Некогаш нема пари, некогаш е фатен од граничните полицајци. Не сака да се врати назад во Авганистан. „Дали ќе умрам тука или во Аганистан, што е разликата?“, прашува тој.

Поврзана содржина