1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Патот на ревизорите поплочен со сомнежи

Политичките пресметки околу ревизијата на „Скопје 2014“ ги контаминираат надежите дека граѓаните ќе добијат објективна информација за тоа како се трошеле нивните пари.

Пат по сомнежи и трње. Така накусо може да се опише ревизорскиот ангажман на Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, поранешни членови на Анитикорупциската комисија, кои градоначалникот на општина Центар ги ангажираше да направат ревизија на проектот „Скопје 2014". Двајцата се најдоа во вкрстен оган меѓу политичките пресметки на власта и опозицијата за целите и мотивите на ревизијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, тие воопшто не се независни, бидејќи за членови на Антикорупциската комисија биле избрани од Собранието кога мнозинството го имаа СДСМ и ЛДП. На граѓаните кои имаат поделени мислења за проектот, не им е јасна целта и ефектите што треба да ги донесе ревизијата.   

„Основната цел е да ја утврдиме фактичката состојба, дали се почитувани процедурите, дали законски се постапувало и колку пари се потрошени за проектот 'Скопје 2014', бидејќи тој податок не им е познат на граѓаните", вели Тасева.

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска и градоначалникот на општина Центар Владимир Тодоровиќ пред неговото заминување од функцијата, на прес-конференција соопштија дека за тој проект досега се потрошени вкупно 208 милиони евра. Во таа сума влегуваат спомениците, скулптурите, изградбата на згради за државни институции и барокните фасади.

„Бројките со кои се шпекулираше дека проектот чини 500 милиони евра или една милијарда - не се релевантни. Ова е сумата за сите склучени договори и за сите позиции со завршени објекти", рече тогаш министерката за култура.

Пред пет години, на првичната презентација на проектот „Скопје 2014" министерката најави дека тој ќе чини околу 80 милиони евра. Но во меѓувреме, планот беше збогатен со нови градби кои ја зголемија првичната финансиска конструкција. Медиумите, пак, врз основа на официјалните сумите од тендерите и дополнителните трошоци, направија пресметка дека до јануари 2013, проектот чинел 317, 5 милиони евра, односно за 100 милиони евра повеќе од есапот на министерката.

Прашање за милион долари

Дали ревизијата ќе покаже која бројка е точна? Михајло Маневски, поранешен министер за правда и колега на Тасева и Малиновски во Антикорупциската комисија, се сомнева во тоа. 

„Многу е погрешно оваа постапка да се нарекува ревизија, бидејќи двајцата поранешни членови на антикорупциската комисија не се ниту финансиски инспектори, ниту стручни за вештачење на одредени средства. Се чудам како моите поранешни колеги воопшто се нафатија за ваква работа, кога има државни институции кои се стручни и надлежни за вакви постапки", вели Маневски.

Тасева вели дека граѓаните одамна немаат доверба во институциите.

„Тоа се покажа уште во времето кога се формираше Антикорупциската комисија. Поради недоверба во надлежните служби, граѓани своите предмети ги носеа во Комисијата. Ревизијата ќе се случува надвор од политиката, иако некои се обидуваат да ја политизираат нашата работа. Наша цел е граѓаните да добијат информација за што се трошеле нивните пари", потенцира таа.

Михајловски не се согласува со оваа аргументација. „Јас обратно ќе го поставам прашањето: Ако граѓаните немаат доверба во институциите, како ќе имаат доверба во двајца антикорупционери кои не се стручни за финансиска ревизија? Второ, проектот 'Скопје 2014' не се спроведува само во општина Центар, туку и во други општини во Скопје. Трето општина Центар нема ингеренции да биде генерален ревизор за проект за кој се наменети средства од државниот буџет. Тие може да ги ревидираат само средствата потрошени од нивната општинска каса. Никој не е против почитувањето на законот и процедурите, но постапката во старт почна во погрешна насока. Она што треба да се разбере, е дека Скопје е главен град на државата. Токму затоа, изгледот на метрополата, архитектонската естетика, нејзиниот урбанистички развој или туристичка понуда, не е работа само на локалната, туку и на централната власт", објаснува Маневски. 

Наодите по шест месеци

Еден ден по промоцијата на овој ревизорски тим, во Србија беше уапсен и сопственикот на српската леарница „Јеремиќ" заради сомневања дека ја оштетил фармацевтската компанија „Галеника" за 12 милиони евра. Веста предизвика интерес во Македонија, бидејќи во „Јеремиќ" се излеани нејголемиот број споменици за „Скопје 2014". Од „Галеника" веќе изразија сомневања дека за околу два милиони евра ги преплатиле скулптурите што ги купиле од леарницата. Ревизијата на општина Центар треба да утврди дали и скопските споменици биле преплатени.

Корупцискиот скандал во Србија нема да влијае врз ревизијата што ја почна општината Центар, тврди градоначалникот Андреј Жерновски.

„Нема да се сконцентрираме само на дел од проектот, комисијата ќе работи на целата документација, за сите објекти и споменици, вклучувајќи ги и тие излеани во српската леарница", дециден е Жерновски.

Првичните наоди се очекуваат за три месеци, а конечните за шест.

Тасева се воздржува од објаснување како ќе се ефектуираат наодите од ревијзијата.

„Не можеме да прејудицираме какви ќе бидат наодите. За тоа би можеле да зборуваме дури кон крајот на годинава", вели таа.

Но, најновиот извештај на Центарот за граѓански комуникации, кој врши редовен мониторинг на сите јавни набавки во Македонија, покажа дека преку нетранспартентна постапка со преговарање и без објавување на оглас во 2012 година се потрошиле 65 милиони евра. Законски задолжителната е - аукција не се закажала во 40 отсто од мониторираниот примерок, а кај секоја четврта спроведена е-аукција не се намалила почетната цена. На таков начин ефектот на заштеда на буџетските средства не бил остварен кај поголемиот број набавки - се констатира во Извештајот. Истражувањето покажува и рекордно ниво на понишетни тендери во 2012 година -  24,2 отсто што ниво е највисоко во последните четири години.

Имајќи ги предвид ваквите анализи, дел од аналитичарите сметаат дека ревизијата на „Скопје 2014" или нема да има многу работа или нема да открие ништо спектакуларно.