1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Патот до слободни и ненасилни избори - трнлив

Центарот за слобода „Цивил“ го отопочна проектот „Слободни и ненасилни избори – 2013“. Со набљудување е опфатена цела Македонија и целта е да се поткрене јавната свест, политичката култура и да се избегнат конфликтите.

На месец и половина до Локалните избори во Македонија се чувствува предизборната атмосфера. Зовриениот политички амбиент е мотив плус невладината „Цивил“ во целост да го спровде проектот „Слободни и ненасилни избори“. Тие ќе ја јакнат јавната свест кај граѓаните, особено меѓу гласачите за надминување на евентуалните изборни нерегуларности и насилство.

„Ќе функционираат девет регионални центри. Покриена е секоја педа од Македонија. Мобилните набљудувачки тимови во рок од 2 до 3 часа ќе можат да стигнат таму каде што ќе биде потребно. Тие ќе учествуваат во евентуалната потреба од олеснување на наелектризирана или експлозивна политичка атмосфера меѓу учесниците во изборниот циклус,“ вели Џабир Дерала, претседател на невладината „Цивил“.

Во проектот учествуваат и Форумот Граѓански мировен сервис - ЗФД, Швајцарската агенција за развој и соработка, невладини организации од Штип, Тетово, Битола и низа други.

Обука за неутрални набљудувачи

Wahlen in Mazedonien

„Изборот на лицата - набљудувачи кои се на тридневна обука во Охрид го направи ’Цивил ’. Има и еден специјален дел за Кичево и околните општини, тој избор го направивме ние. Внимававме тоа да се луѓе кои се познати и респектирани во нивната околина. Важно е што тоа се апсолутно неутрални личности кои независно ќе го следат целиот изборен процес,“ вели Кирстен Шонефелд од Граѓанскиот мировен сервис.

Зад „Цивил“ од 2008 се три успешно набљудувани изборни циклуси. Декларативно и сега биле прифатени од институциите на национално ниво. Имаат неколку приоритети при набљудувањето.

„Најголемо внимание полагаме на комуникацијата со политичките партии, односно, лидерите на национално и локално ниво. Освен што сме ’антени’ кои продуцираат сигнали за слободни и ненасилни избори ние ги примаме информациите кои ни доаѓаат од теренот ги проверуваме и ги лиферуваме на домашната и странската јавност на македонски, албански и англиски јазик“, објаснува Дерала.

Демократијата и човековите права според Цивил се во слободен пад

„Мораме да констатираме дека демократската атмосфера во Македонија оди во надолна линија. Владеењето на правото, демократијата и почитувањето на човековите права се во слободен пад. За ваквата слика заслужни се политичките партии и да бидеме уште попринципиелни, партиите кои се на власт се најодговорни. Тие ги имаат инструментите за водење на државата. Државата не е во хаос. Таа сепак ги има основните институции за да може да воведе владеење на правото и почитување на демократските стандарди и принципи. Сметаме дека на тоа треба да се обрати поголемо внимание – час поскоро за да можеме да имаме нормални демократски процеси кои ќе ја вратат земјата во нормала, бидејќи во моментов сме во една од најдлабоките политички кризи во кои се наоѓала Македонија,“ вели Дерала.

Прекинатиот попис можност за нелегитимности во изборниот процес

„Се професионализира активноста кршење на партиски изборни штабови. Имало и партиски хонорарни листи од кои одредени ’партиски милитанти’ се финансираат и ги извршуваат делата. Овие информации ќе треба допрва да ги верификуваме,“ вели Дерала.

„’Бугарските возови’ при гласањето уште се во употреба. Имаме сознанија дека одредени општини со забрзано темпо се населуваат со лица од други места, за една или друга опција да може да преовлада. Медиумскиот притисок и манипулација се неверојатни. Целиот изборен пакет од нерегуларности и непринципиелности од пред две години сега стана добро извежбана практика која чини многу скапо во финансиска смисла на зборот, но ќе не чини уште поскапо на долгорочни основи во поглед на демократијата и иднината на оваа земја,“ предупредува Дерала.

Според него неизвршувањето на пописот е уште една голема фалинка за Македонија како демократски систем и тоа допрва ќе имало реперкусии. „Кога власта и опозицијата се согласиле околу нешто, тоа е знак дека нешто не е во ред. Немањето попис ја замаглува целата слика за македонскиот електорат и остава простор за шпекулации и нелегитимности од најразличен тип,“ заклучува Дерала.