1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Патарина и во Германија?

Патарината во многу земји важи за успешен модел, но во Германија е спорна. Сепак, поради застарените улици и мостови, за чија санација се потребни милијарди евра, сега таа е повторно тема на дискусија.

Во Германија има многу пропаднати улици и мостови. За санација, доградба и изградба секоја година се неопходни милијарди евра. Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) смета дека неопходните средства во касите би можеле да дојдат со воведување патарина. Шефот на ЦСУ Хорст Зехофер, сепак, оценува дека германските возачи треба да бидат поштедени, па предлага „патарина за странците“. Впрочем и германските возачи мора да плаќаат патарина во други европски земји.

Во речиси сите држави на ЕУ има патарина, во различни форми. Во основа станува збор за два типа - вињета, односно паушална патарина за определен временски период и патарина за одреден дел од делницата. Вињета, на пример, се користи во Австрија и годишно чини 80 евра. Во Италија и Франција се пресметува патарина според извозен километар на автопатите.

„Лошо стопанисување“

За разлика од Германија, многу автопати во овие земји се финансираат приватно. Приватните управители своите трошоци ги покриваат од патарината, како на пример средства за поправки. Значи, парите без заобиколување се влеваат во изградба на патиштата.

Во Германија има одделни делници со кои управуваат приватни претприемачи и за кои е задолжително плаќање патарина, како на пример - тунелот Варнов во Росток. Меѓутоа, за општа патарина досега нема согласност. За улиците, мостовите, железничките линии да бидат во добра состојба се грижи државата. Германските возачи за тоа плаќаат данок. Критичарите на патарината за автомобили на одговорните им префрлаат дека не стопанисуваат добро со парите.

„Германските возачи годишно плаќаат 53 милијарди евра во државната каса преку данок на минерално масло, данок на автомобилите и данок на додадена вредност, но само 19 милијарди се влеваат во изградба на патишта и нивно одржување“, вели Ото Залман од Германскиот автомобилски клуб АДАЦ. Не се парите она што недостига, туку „политичка волја тие пари правилно да се распределат“.

Stress im Straßenverkehr LKW ueberholt auf der Autobahn

Патарина за камиони во Германија е воведена во 2005 година

Антон Хофрајтер, политичар од редовите на Зелените и претседател на Комисијата за сообраќај на Бундестагот, на тоа гледа на сличен начин. Сојузот, покраините и општините годишно за сообраќајна инфраструктура даваат околу 20 милијарди евра. Притоа, има расипништво на „гигантски суми“. Хофрајтер, освен тоа, смета дека патарината за автомобили е неправедна. „Единствениот модел кој технички би бил брзо спроведлив е вињетата. Но овој модел, од еколошка гледна точка, е лош, а освен тоа е и социјално неправеден“, вели тој. Возачите кои возат малку со вињетата се изедначуваат со оние што возат многу, исто како што се изедначуваат и возачите на мали и на големи автомобили.

Што би донесла патарината?

Во Германија, меѓутоа, постои систем кој ги зема предвид овие работи. Патарината за камиони, воведена во 2005 година, се наплаќа зависно од делницата и се пресметува големината и еколошките перформанси на возилото. Таа патарина досега на државата и‘ донесе прилив од околу 30 милијарди евра.

Maut Vignette für die Niederlande

Вињетата е најбрзо решение, но таа е неправедна, вели Хофрајтер

Колку би донесла патарина за автомобили? Според проценките, направени и со соработка на системот за патарини АГЕС, годишно би се земале околу 4 милијарди евра, а доколку таа се ограничи на странските возачи, тоа би донесло 700 милиони евра. АДАЦ, пак, направи сопствена пресметка, според која „патарина за странци“ би донесла 225 милиони евра. Залман оценува: „Трошоците би биле поголеми од приходите“.

Освен тоа, постои сомнеж дека „патарина за странци“ воопшто би можела да се реализира, зашто такво нешто не е во согласност ниту со германското ниту со правото на ЕУ, убеден е политичарот на Зелените.

Експертот за сообраќај Михаел Шрекенберг од Универзитетот Дуизбург-Есен ја дели ваквата оценка. Сепак, тој смета дека за патарината за автомобили нема алтернатива. Според него, патната мрежа во Германија мора да се санира, особено во делот на мостовите. Речиси половината од мостовите треба да се санираат, а санација им е неопходна и на 20 проценти од автопатите и на 40 проценти на локалните патишта. Тоа не би можело да се финансира на друг начин, освен со патарина за автомобили.