1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Парчето папирус за Исус е фалсификат?

Парче папирус од четвртиот век наводно докажува дека Исус Христос бил женет. Експертите меѓутоа се сомневаат во оригиналноста на документот. Главното прашање останува неодговорено.

Синот господов на земјата не живеел чедно како што одговарало во концептот на христијаните кои живееле векови подоцна. Исус од Назарет имал жена и таа можеби била Девица Марија Магдалена.

Ова, пак, сега им одговара во концептот на оние на кои во поново време им е забавно да ги разнишуваат догмите на христијанството. Американскиот трилер-автор Ден Браун е еден од нив. Со својата книга „Кодот на Да Винчи“, која беше преточена и во филм, тој доби милионска публика. Со тоа се вратија и некои авантуристички теории за можниот брачен живот на Исус Христос.

Но, што кога еден реномиран научник од универзитетот Харвард одеднаш презентира парче папирус од четвртиот век со големина на визит-карта на кое со коптско писмо е напишано: „Исус им рече: мојата жена...“ Оригиналноста на фрагментот е потврдена од експерти, тврди американската историчарка на религии Карен Л. Кинг. Но, не, тоа не е недвосмислен доказ дека Исус бил женет, дополни таа пред новинарите. На тоа весниците се „закачија“: „Бил ли Исус женет?“ Прашањето сега ја окупира јавноста.

Притоа, приказната може да биде сосема поинаква: во 1982. година по Христос, некој напишал коптски знаци на папирус, се разбира се помачил за се‘ да изгледа што е можно поавтентично. Тоа е верзијата на приказната која ја наведува Кристијан Аскеланд, коптолог од Минстер. За целата приказна може да се стави наслов „Мејд ин Џермани“, вели тој потсмевајќи се, или „Мејд ин Берлин“.

Сомневања во оригиналноста на фрагментот

Christian Askeland

Кристијан Аскеланд

Дали фрагментот е само фалсификат? „Некои работи се многу интересни“, вели американско-норвешкиот научник. „Изгледа како некој денес да се обидел да препишува букви од испечатен коптски учебник. Во античките ракописи има или стилизирани текстови со убаво испишани букви или документарни текстови кај кои буквите не се толку убаво испишани. Но, по начинот на којшто се напишани буквите може да се препознае индивидуалниот стил на пишувачот.“ Тоа во случајот со фрагментот папирус не е така. Освен тоа, по начинот на којшто мастилото е растечено по папирусот и по густината на мастилото, може да се види дека не станува збор за антички начин на пишување.

Според Аскеланд, јасни знаци дека се работи за фалсификат дава и коптскиот дијалект. „Според мои сознанија нема ниту еден единствен текст за Исус напишан на чист сахидиски дијалект, а на овој дијалект е напишан текстот на папирусот. Тоа е коптски дијалект што студентите го изучуваат во првиот семестар.“

Студентска „финта“?

Кристијан Аскеланд не е сам со своите сомнежи. На Меѓународниот конгрес за Коптолошки студии минатата недела во Рим, на којшто историчарката по религија го презентираше папирусот, речиси сите учесници ја ставија автентичноста на парчето под знак прашалник. Во меѓувреме и таа самата на својата интернет страница го признава тоа. Сепак, за дефинитивно да може да се каже дали станува збор за оригинал или за фалсикификат, треба да се направи анализа на документот, како на пример хемиска анализа.

Karen L. King, Gnostikerin an der Harvard Divinity School

Карен Л. Кинг

Такво нешто Карен Кинг отфрла, исто како што не го открива ниту потеклото на фрагментот. Познато е само дека парчето потекнува од збирката на, во меѓувреме починат, берлински професор, кој меѓутоа за време на животот не го објавил папирусот. Интересно е и тоа дека историчарката и самата во 1982. година студирала на Слободниот универзитет Берлин. „Станува збор за особен сплет на околности“, вели Аскеланд, „што за мене го отвора прашањето - дали некој сакал нешто да и‘ подметне?“

Откако фрагментот на крајот на минатата година и‘ дошол на Карен Кинг в раце таа веднаш напишала текст и му го понудила на Харвард Теолоџикал Ривју, но стручното списание го одбило со образложение дека има сомневања во оригиналноста на фрагментот. Овој текст таа сега им го достави на некои медиуми пред Коптолошкиот конгрес во Рим, без да чека на мислења од други експерти.

Аскеланд вели дека медиумскиот интерес не го радувал многу: „Тоа, искрено речено, беше повеќе непосакувано одвраќање на вниманието отколку прилог кон вистински научен дијалог.“

А, прашањето што најголемиот број луѓе ги интересира најмногу, имено - дали Исус бил оженет или не, останува и натаму неодговорено.