1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Партиски секретар како нарко-бос

Полицијата во јужна Кина во голема рација во едно крајбрежно село запленети три тони од дрогата Кристал мет. Секое петто домаќинство учествувало во трговија со дрога, а шеф на картелот наводно е партиски секретар.

Сцените прикажани на кинеската државна телевизија наликуваа на акционен филм. Специјални единици ноќе, проследени само со светло од рачни лампи, упаѓаа во куќи, а непосредно потоа на подовите лежеа луѓе облечени само во долна облека. Во Боше, во јужната кинеска провинција Гуангдонг, во акција беа 3.000 полицајци и припадници на паравоени единици, поддржани од хеликоптери. Глисери на морнарицата патролираа пред брегот за да оневозможат евентуално бегство по воден пат.

Уапсени се речиси 200 луѓе, меѓу кои и повеќемина партиски функционери. Запленети се три тони од дизајнерската дрога Кристал мет, како и 23 тони суровини, јави кинеската државна агенција Ксинхуа. Секое петто домаќинство во селото учествувало дриектно во производство на дрога или имало интерес од продажбата на дрогата.

Селото со години лиферувало дизајнерска дрога во цела Кина. Една третина од дрогата Кристал мет продадена ширум Кина потекнувала од селото Боше, наведуваат властите. И уште полошо - селаните биле под заштита на локалните службеници и полицајци, изјави заменикот шеф за безбедност на провинцијата, Гуо Шаобо.

Нарко-бос на картелот наводно бил токму партискиот секретар од селото, кој со години го штител Боше од интервенција на властите. За таа цел тој поткупувал локални функционери. Освен тоа, селаните во минатото им се заканувале на полицајците, ги блокирале тесните улички со мотоцикли и ги терале припадниците на безбедносните сили на бегство.

Затоа големата рација сега е изведена под заштита на ноќта. За да се оди на сигурно, властите претходно го пресекле доводот на струја во селото. Освен тоа, информацијата за рацијата е обелоденета дури неколку дена по успешното завршување на акцијата.