1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Партиските раководства се подготвуваат за предвремени избори

Гласањето за недоверба во Парламентот најверојатно на 1. јули, најави канцеларот Герхард Шредер

Претседателот на СПД, Франц Минтеферинг

Претседателот на СПД, Франц Минтеферинг

Одлуката за изгласување недоверба на актуелната влада на почетокот од јули беше донесена на денешната седница на партискиот Президиум во Берлин. Според информацијата што ја даде Претседателот на Социјалдемократската партија Франц Минтеферинг, канцеларот инсистира наскоро да биде постигната согласност и со Претседателот на државата Хорст Келер околу натамошната процедура. Средба на таа тема ќе има веќе в понеделник. Шредер, инаку, нема намера да го менува актуелниот состав на кабинетот, туку ќе остане со истиот министерски состав се до изборите на есен – посочи пак портпаролот на сојузната влада Бела Анда.

Вице канцеларот и министер за надворешни работи Јошка Фишер ќе го предводи помалиот коалиционен партнер, Партијата на Зелените, на предвремените избори. Оваа одлука ја донесе партиското раководство на денешната седница во Берлин. Фишер ја прифати задачата со одушевување и елан, нагласувајќи дека веќе бил информиран од порано за идеите за свикување предвремени избори.

Раководството на партиите на опозиционите партии на Унијата денеска не донесе одлука кој ќе ги предводи во изборната кампања, но затоа се определи јасно за коалициониот партнер. Унијата заедно со Партијата на Либералите може најдобро да создаде услови за зголемен стопански раст и создавање нови работни места, порача шефицата на Христијанско демократската унија Ангела Меркел. Што се однесува до важното прашање за кандидатот за иден канцелар на опозиционите сестрински партии ЦДУ и ЦСУ, Меркел навести дека тоа ќе се најде на дневниот рд на заедничката седница на двете партиски претседателства следниот понеделник.

Претседателот на Христијанско социјалната Унија, Едмунд Штојбер, кој беше кандидат за канцелар на претходните парламентарни избори, порача дека до крајот на јули ЦДУ и ЦСУ ќе ја објават комплетната владина програма, што ќе ги обврзува во случај да победат на изборите на есен. Се ќе биде насочено кон забрзан стопански раст и повеќе работни места, а за да го постигмнеме тоа ќе мора да го реформираме пазарот на работна сила, социјалните системи, даноците и енергетската политика, нагласи Штојбер.

Доколку изборите би се одржале утре, партиите на опозиционата Унија би освоиле уверлива победа, велат анкетите на јавното мнение. Така една блиц анкета на Првата програма на германската ТВ, АРД, покажа дека Унијата би добила 46%, а нивните коалициони партнер, Либералите 8, додека СПД и Зелените би освоиле 26 односно 8 проценти. Експертите на Институтот за истражување на јавното мнение Форса оценуваат дека шансите на социјалдемократите и на Зелените да ја израмнат сегашната предност на опозицијата се многу мали, иако не и нереални.