1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Партиските книшки и врските се клучни за вработување во Македонија

Невработеноста меѓу младите во Македонија е загрижувачки висока. Според Државниот завод за статистика и Меѓународната организација за труд, невработеноста меѓу младите на возраст од 15 до 29 години е од 55 до 59%.

Младите во Македонија се со мали шанси за добивање работа, независно од тоа дали имаат високо или средно образование. Ова го потврдуваат невладините организации и младите. Тие велат дека најлесно до вработување се доаѓа преку роднини и пријатели на високи позиции, врски во партија или партиска книшка.

Ана Николова е дипломиран економист од 2009-та година. Таа пет месеци активно бара работа, откако затворила фирмата каде работела една година. Моментално аплицира преку огласи во поголемите приватни фирми, но стигнува само до втората фаза од разговорите за добивање на работно место. Доколку ве повикаат на трето интервју тоа значи дека сте примени, вели Ана.

„Во рок од пет месеци имам пратено околу 86 апликации за работа. Праќам скоро 20 апликации во месецот, во различни фирми од Скопје. Од нив, околу 6 до 7 ме повикуваат на интервјуа. Барам работа најчесто во приватни фирми, бидејќи во државните не можам да влезам. Во државниот сектор има полагање на тестови, но треба да имате и врски. Не важно дали имате најмногу поени на тестовите. Така само ќе влезете во селекција и потоа ве исфрлаат“, објаснува Николова.

Лесно до диплома тешко до вработување

Skopje 2014 Makedonija

Повеќе од 80 проценти од младите во Македонија немаат стекнато работно искуство

Неда Коруновска е истражувач од невладината „Реактор“. Таа вели дека главните причини за големата невработеност кај младите се структурната невработеност, односно немањето доволно работни места и стагнација на економијата. Итражувањето покажува дека младите во Македонија по завршувањето на образованието, за вработување чекаат од седум до девет години, а само четири проценти се вработуваат веднаш откако ќе завршат, вели Коруновска.

„Секој човек кој што нема да работи повеќе од една година, добива драстично оштетување на неговата компетенција и знаење. Мора државата да ги држи во кондиција младите луѓе со тоа што ќе најде најчини да добијат некакво работно искуство задаолжително после една година од нивното завршување со образованието. Треба да се стави реален фокус на професионална ориентација на младите и реформите на образовниот систем“, додава Коруновска.

Повеќе од 80 проценти од младите во Македонија немаат стекнато работно искуство за време на школувањето, истакнува Сандра Анастасовска од „Младинскиот образовен форум“. Кај младите нема навики за истовремено студирање и работење, што придонесува за големата неактивност кај оваа возрасна група.

„Кога младите ќе завршат со образовниот поцес иако го имаат потребниот степен на образование тие ги немаат работните вештини и искуството кое се бара на пазарот на трудот. Праксата и обуките за работни вештини можат во голема мера да ги подготват младите, меѓутоа тоа нема да биде доволно доколку неофицијалната стратегија која досега ја промовираат сите политички структури и понатаму се сведува на земи партиска книшка за да добиеш државна работа“, вели Анастасовска.

Малку храброст за сопствен бизнис

Skopje 2014 Gebäude der Regierung

Владата ќе ја намалува невработеноста со акциски план до 2015-та година

Зоран Витанов кој предава претприемиштво коментира дека 90 проценти од младите повеќе сакаат да се вработат во некоја од државните институции, за плата од 20 илјади денари, отколку да започнат со свој бизнис.

„Тоа зборува дека или тие немаат претприемчивост или државата нема амбиент за претприемништво. Тоа е најсериозниот проблем. Мора да се работи на едукација на младите, да се охрабрат да си ја земат судбината во свои раце и сами да си отвораат мали и средни претпријатија“, вели Витанов.

Од Министерството за труд и социјална политика ни одговорија дека проблемот со големата невработеност е последица од процесот на транзиција во којшто голем број компании беа затворени, но и поради нереформираниот образовен систем. Владата за спречување на негативниот тренд во однос на вработувањето ќе го спроведе Акцискиот план за вработување на младите во Македонија од 2012 до 2015 година, за кој се предвидени 27 милиони евра, велат од министерството.

Проблемот со огромната невработеност мегу младите е присутен во цела Европа. Невработеноста меѓу младите во Европската унија изнесува 22,7 проценти.