1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Партии на пиратите активни и во Југоисточна Европа

Во Романија и Србија се’ уште се борат за официјално регистрирање, во Хрватска од неодамна се официјално политичка партија, а во Грција се борат за места во парламентот- Пиратите запловеа во политичките води на Балканот.

„Транспарентност, демократски донесени одлуки, слобода на користењето на податоците од интернет- сето тоа го бараат и романските пирати“, вели основачот на се’ уште официјално нерегистрираната Партија на пиратите.

„Нема битни национални разлики меѓу пиратските партии. Ние сме некој вид интернетска нација, која во моментов постои на целата планета“, дополнува Клаудиу Маргинеан.

Claudiu Marginean Gründer der rumänischen Piraten-Partei

Клаудиу Маргинеан (во средина) основач на романската Партија на пиратите

Иако и романските пирати се членови на меѓународната организација „Pirate Parties International" (PPI) од нејзиното основање во сопствената земја се’ уште не се регистрирани како официјална политичка партија. Во Романија имено треба да се соберат 25 илјади потписи за да може официјално да се основа политичка партија. Тие се надеваат, дека тоа ќе им успее пред парламентарните избори во ноември.

Унапредување на демократија

Во соседна Србија на пиратското движење му недостасуваат уште неколку илјади гласови за да регистрира политичка партија и со неа да може да учествува на избори. Многу луѓе во Србија мислат дека ова движење се занимава само со пиратерија на интернет, се жали Иван Вуковиќ, координатор на српското пиратско движење и истакнува: „Ние не се залагаме за продажба на дискови на улица, ние не се залагаме за кражба во каква било смисла. Ние сме само за тоа луѓето да споделуваат се’ што имаат, идеи, фајлови, музика, видео клипови, бидејќи тоа ни е овозможено, сметаме дека имаме право да продолжиме така да правиме, а не некој сега, кога сфатил дека тоа не му одговара, да ни го укинува тоа право“.

Dario Vidovic

Дарио Видовиќ, Партија на пиратите Хрватска

Пиратите имаат многу повеќе теми од слободата на интернет, тврди и Дарио Видовиќ еден од основачите на Пиратската партија во Хрватска, која пред неколку денови беше регистрирана и како официјална политичка партија. „Наша желба е да ја унапредиме демократијата, на која и се неопходни определени измени за да профункционира во смислата на значењето на тој збор- владеење на народот“, вели Видовиќ.

Најсилни во Германија

Пиратски партии и иницијативи во регионот постајат меѓу другото и во Бугарија, Унгарија и Босна и Херцеговина. Вкупно во 60 земји дејствуваат движења на Пиратите, најголемиот дел од нив во Европа.

Посебно успешна е Партијата на пиратите во Германија, за која според последните анкети, би гласале меѓу 11 и 13 насто од граѓаните со право на глас. Тоа им дава поттик и на колегите во Југостична Европа. А поттик деновиве особено и е потребен на грчката пиратска партија, која на 6. мај за првпат ќе излезе на избори.

Logo Griechenland Piratenpartei

Логото на грчката Партија на пиратите

„Ние им објаснуваме на луѓето, дека транспарентноста и правосудството, што добро функционираат, се најдобро оружје против корупцијата. Тоа е нашата најважна економска тема“, вели Анестис Самуркасидис, портпарол на грчките пирати.

И романските пирати се надеваат, дека веќе оваа година ќе влезат во парламентот. Тие бараат безусловни основни приходи за сите граѓани- без оглед дали работат или не. Клаудиу Маргинеан за волја на вистината не знае како тоа економски би требало да функционира и отворено признава: „Мора прво да се влезе во парламентот и да се види што се случува“.

Пиратските партии се надеваат пред се’ на гласовите на младите избирачи на кои им е преку глава од етаблираните партии. Токму тоа меѓу другото ги поврзува пиратските движења во цела Европа.