1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Партиите до јануари ќе ги кријат претседателските кандидати

Според изјавите од партиите, „првата ластовичка“ што ќе ја најави претседателската изборна пролет, најрано ќе пристигне пред Нова година

Четири месеци пред претседателските избори во Македонија, партиите се уште тактизираат со изборот или со соопштувањето на нивните претседателски кандидати. Дел од нив поради страв дека во жестоката политичка арена нивниот кандидат предвреме би станал мета на разни критики и опструкции, дел рутински чекаат прво другите да го соопштат својот избор. Според изјавите од партиите, „првата ластовичка“ што ќе ја најави претседателската изборна пролет, ќе пристигне пред Нова година, но не порано.

Владо Бучковски, еден од иницијаторите за формирање на новата партија Алијанса за позитивна Македонија (АПМ), смета дека ваквото тактизирање се должи на континуираното обезвреднување на функцијата претседател на државата.

„Стана ирелевантно кој е претседател, па затоа е уште помалку релевантно кои се кандидатите. Според АПМ, на Македонија и треба силна и афирмирана личност која ќе го врати достоинството на претседателската функција и ќе се наметне во областите каде што има поделени надлежности со Владата - во надворешната политика и во одбраната и безбедноста. Ние во нашите редови имаме најмалку три такви кандидати! Еден од нив ќе биде наш кандидат за шеф на државата, за чија кандидатура ќе собираме 10.000 потписи за да учествува во трката за претседател“, вели Бучковски.

Politik Skopje, Mazedonien

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев

Стевчо Јакимовски, претседател на новата партија Граѓанска опција за Македонија (ГРОМ), вели дека партијата точно го опредила тајминот за соопштување на нивниот кандидат.

„Тоа што почнаа срамежливи најави и шпекулации околу можни кандидати за претседател на Република Македонија, е вообичаена практика и политичко тактизирање. Ние не се плашиме воопшто од евентуална стигматизација или неповолни реперкусии доколку сега го објавиме името на нашиот кандидат. Но, сепак, станува збор за политичка стратегија, за став на партијата и на раководството, за точно утврден тајминг за негово официјализирање како кандидат за претседател. Ние уште на стартот бевме децидни дека името на нашиот кандидат ќе го соопштиме на 15 јануари“, вели Јакимовски.

Зависи и од пaрламентарните избори

Од најголемата опозициска партија СДСМ, велат дека кај нив се уште не е завршен изборот на претседателски кандидат.

„Не се плашиме порано од другите да го објавиме името на нашиот кандидат. Во недостиг од медиумски простор за активностите на опозицијата, нам ни е во прилог што побрзо да го објавиме неговото име, за да добие медиумски простор. Но, поважно од тоа е да го избереме вистинскиот кандидат. СДСМ на листата има осум потенцијални кандидати за претседателската функција, дел партиски личности, дел непартиски. Се уште траат разговорите со дел од нив, исто така и со коалициските партнери, а изборот треба да биде одобрен и од партиските органи и тела. Тоа е процес што бара време. Исто така, многу е важно дали во пакет со претседателските избори ќе има и парламентарни. Тоа ќе се знае во втората половина на декември, па тогаш и ние ќе го соопштиме нашиот кандидат“, вели лидерот на партијата, Зоран Заев. Од партијата потенцираат дека и покрај важноста на претседателските избори, за нив најголем приоритет е средувањето на изборната легислатива.

Заеднички коалициски кандидат

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ не се достапни за коментар на оваа тема. Се чини дека изборот на кандидат во оваа партија е малку отежнат по изјавата на Али Ахмети, дека ДУИ нема да му даде поддршка на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, ако повторно биде кандидиран за истата функција. Заложбата на ДУИ е дека двата коалициски партнера на претседателските избори треба настапат со еден заеднички прифатлив кандидат, потег со кој би се испратила силна порака за кохезија и во вистинска смисла би се избрал претседател на сите граѓани на Македонија.

Според извори во ВМРО-ДПМНЕ, во овој период се спроведуваат мноштво од анкети кои треба го покажат расположението на јавноста за кадровските адути на партијата и за други предлози. Засега универзитетскиот професор Јове Кекеновски е единствениот кој уште во почетокот на ноември најави своја кандидатура на партиската конвенција, на која ВМРО-ДПМНЕ ќе го избере

Gorge Ivanov Präsident Mazedonien

Неизвесно е дали актуелниот претседател Ѓорге Иванов ќе биде повторно кандидиран од ВМРО-ДПМНЕ

претседателскиот кандидат.

„Нема да бидам нескромен доколку речам дека очекувам победа на конвенцијата, од причина што од сите кандидати кои сега се вртат во јавноста, јас ја имам најголемата поддршка кај членството на ВМРО-ДПМНЕ. Победата очекувам да ја извојувам на една фер и демократски организирана конвенција, онака како што му доликува на ВМРО ДПМНЕ, каде делегатите ќе можат без притисоци и посебни инструкции да го дадат својот глас за најдобриот и најпочитуваниот кандидат“, изјави тогаш Кекеновски.

Дали е во право ќе покажат и анкетите и партискиот избор. Засега во јавноста се шпекулира дека можни кандидати за претседателската функција се и вицепремиерот Зоран Ставрески и амбасадорот и поранешен министер за надворешни работи, Срѓан Керим.

„Досегашната практика во демократска Македонија недвосмислено покажува дека без поддршка на една политичка партија не е реално да се зборува за кандидатура. Токму затоа, и во мојот случај сметам дека под услов да има таква поддршка ќе може да стане збор за евентуална претседателска кандидатура“, неодамна изјави Керим.

Своја кандидатура во почетокот на месецов најави и Стојанче Ангелов, лидер на партијата „Достоинство“, кој за таа цел се подготвува да собере 10.000 граѓански потписи.
Анкетарите работат во „три смени“

Jove Kekenovski Professor an der Fakultät für Tourismus in Ohrid

Јове Кекеновски најави кандидатура на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Агенциите кои го испитуваат јавното мислење, велат дека во овој период имаат полни раце работа.

-„Работиме, речиси во 'три смени'. Партиите најчесто практикуваат неколку видови на истражувања. Рејтингот на нивните кандидатите се мери меѓу партиското членство, потоа во анкета наменета за граѓаните, но и во други анкети, во која освен матичните се вметнати и можни, претпоставени кандидати од други партии - политички опоненти. Сите овие вкрстени и компаративни испитувања, треба да дадат синтетизиран податок за рејтинзите на еден или повеќе кандидати“, објаснуваат од една агенција.

Иако резултатите од ваквите испитувања се држат во строга дискреција и тајност, во медиумите честопати се појавуваат некакви “неофицијални резултати“ од испитувањето на јавното мислење.

„Тоа што сега се објавува во медиумите најчесто се шпекулации, што е 'очекувано' во период во кој партиите се уште не ги соопштуваат своите кадровски адути или пак се уште се двоумат околу изборот. Анкетите што се спроведуваат во оваа 'претквалификациска фаза' воопшто не се наменети за објавување во јавноста, се чуваат во голема тајност, па се што се објавува може да се толкува како јавен притисок за што побрзо нивно обелоденување или за фаворизирање на имиња на некои потенцијални претседателските кандидати“, велат комуниколозите.