1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Партиите ветуваат, граѓаните ќе избираат

Денеска (16.05.2011) стартува изборната кампања. Бранко Црвенковски го повика и Никола Груевски да се повлече како транзициски политичар. Кампањата нема многу да влијае на изборниот резултат, ако нема мега скандал?

default

Граѓаните имаат можност да одберат кому ќе го дадат својот глас

Официјалниот дел од 20-дневната кампања започнува од денеска - секој со посебните каравани. Сите стартуваат -ВМРО-ДПМНЕ, традиционално, од Охрид; ВМРО Народна од Делчево, родниот крај на реактивираниот екс-премиер Љубчо Георгиевски; Обединети за Македонија од Тетово, градот во кој лидерот Љубе Бошковски, пред една деценија, беше на стрелиштето од каде се пукаше кон припадниците на ОНА. Сега, ДУИ со Али Ахмети влегува во спортската сала „Борис Трајковски“, со многу симболика во тој настан. Изборите се совпаѓаат со една деценија од потпишувањето на Рамковниот договор, а арената е именува по екс-претседателот кој политички и вешто го модерираше Охридскиот договор.

Опозицискиот табор ќе тргне од дебарско, каде се гласачите Македонци-муслимани, а потоа следуваат вечерни митинзи во Гостивар и Тетово. Синоќа во Скопје, пред владината зграда, се собраа неколку десетици илјади симпатизери на СДСМ-овската коалиција со лидерскиот тандем – Бранко Црвенковски и можниот премиер Радмила Шеќеринска.

Passantin vor Wahlplakaten in Mazedonien

„Нема да ветувам многу и ќе биде тешко, но ветувам дека по 5 јуни ќе имаме власт која нема да краде, а ви ветувам и тим кој ќе стои во првите редови, ама не за себе и своите приватни интереси“, кажа Шеќеринска, која по втор пат од 2008 гоидна пак ќе се соочи со Груевски од кого еднаш изгуби во скопската изборна единица.

„Груевски, ајде на ТВ дуел!“

„Груевски, ајде – биди Црвенковски, повлечи се, ајде Македонија да ја спасиме и од Бранко и од Грујо“, со ваков настап лидерот на СДСМ го повика актуелниот премиер, низ ТВ дуел, јавно да расчистат кој од нив колку е виновен за транзицијата, криминалот, приватизацијата.

„Барем еднаш и конечно прифати еден ТВ-дуел. Јас и ти, со сите наши одлуки, со сите грешки, гревови, пред целата јавност и народот нека реши – кој е предавник, кој патриот“, повика Црвенковски.

Црвенковски очигледно ќе ја има улогата на директен критичар на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, преземајќи ја одговорноста врз себе, зашто со „транзициските неуспеси немаат ништо Рада, Гордан, Зоран, Ана“, како што по име го именуваше новиот тим на СДСМ, ако победат на изборите.

„Влада која го исполнува ветеното“

Наспроти еуфоријата на митингот на СДСМ, лидерот на владејачката коалиција, по промоцијата на своите нови програмски ветувања, шеташе низ Скопје.

„Ние сме влада која она што го започнала го завршува. Можеби понекогаш има доцнења, проблеми, но сите проекти ги завршуваме и така ќе биде“, реагираше премиерот Никола Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ во сите весници денеска објавува делови од својот изборен „Манифест“ со нов циклус на проекти и надежи, а слоганот е „Реформите ќе победат“. Либералдемократите обвинија дека дел од понудените идеи на владејачката коалиција се плагијат од нивната веќе објавена платформа под наслов „Има излез“.

Мега скандал ќе ги измести рејтинзите

Експерти по јавно мислење за ДВ се совпаѓаат во своите анализи – кампањата нема многу да го промени расположението пред гласањето иако, според Никола Спасов, некој мега корупциски скандал би можел да направи повидлив пресврт во партиските промоции.

Parlamentsgebäude in Mazedonien

„Кампањата генерално малку влијае на изборниот резултат. Во принцип само големи корупциски теми или мега-скандали, одлуки од голема важност може да изврши поместување од веќе објавените рејтинзи од јавните сондажи“, вели Никола Спасов, истражувач во агенцијата „Рејтинг“.

„Кампањата не може многу да смени во партиските рејтинзи, затоа што трае кусо. Но има исклучоци од ова правило, кога рејтинзите на една до друга партија се многу блиску и кога и една помала промена може да влијае многу во вкупниот резултат. Се чини дека Македонија влегува во кампања токму со таква ситуација“,

коментира комуникологот и сопственик на агенцијата „Џенезис“, Петар Арсовски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска

DW.COM