1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентот пред клучна одлука: избори или одложување?

Катерина Блажевска22 февруари 2016

Засега нема индиции дека е обезбеден консензус за одложување на изборите, а до утрово ни најава дека лидерската четворка ќе седне на иста маса. Рокот за одлука за одложување на изборите истекува во вторник на полноќ

https://p.dw.com/p/1Hzct
Фотографија: MIA

Најдоцна до полноќ во вторник, Собранието на Република Македонија треба да донесе клучна одлука: дали со четирипартитен консензус ќе ја промени донесената одлука за распуштање на парламентот, откако ЕУ и САД оценија дека не се обезбедени услови за 60 дена да се одржат фер и кредибилни услови, или ќе остави во сила да стапи одлуката за негово распуштање, преземајќи ја со тоа одговорноста за последиците од спроведени избори без обезбедни фер-услови.

Парламентарното мнозинство, кое на 18 јануари со 72 гласови „за“ ја донесе одлуката за распуштање на парламентот (со нејзина одложена примена на 24 февруари, оносно 60 дена пред избори), веќе не е толку компактно, откако лидерот на владејачката ДУИ вчера соопшти дека е „на линија со меѓународната заедница“ и оти „треба да се постигне компромис меѓу сите партии за да не пропадне Договорот, бидејќи неговото пропаѓање ќе значи продлабочување на политичката криза во Македонија“.

Со тоа, според аналитичарите, ВМРО-ДПМНЕ е на бришан простор и ќе мора да се изјасни за што се залага. Таа можност вчера беше пропуштена, со оглед дека на вонредната лидерска средба со американскиот и заменикот-амбасадор на ЕУ не дојде единствено лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Причините за отсуството на Никола Груевски од партијата ги објаснија како „негова проценка, околу која ВМРО-ДПМНЕ дополнително ќе се произнесе“.

„Суштината и квалитетот на изборите се поважни од датумот“, порача синоќа еврокомесарот Јоханес Хан на Твитер, разбивајќи ги со тоа шпекулациите дека тој го поддржува ставот изборите да се одржат на 24-ти април.

Реална оценка за состојбите

Додека во политичката јавност ставовите се целосно поларизирани, во академската јавност се осврнуваат на потребата од спроведување на потребните реформи. Професорот по уставно право Јетон Шасивари вели дека оценката на САД и ЕУ е за поздравување, бидејќи ја рефлектира реалноста во врска со исполнувањето на критериумите за слободни, фер и демократски избори.

„Таа треба да се сфати како охрабрување од меѓународната заедница до клучните политички актери за засилување на динамиката на исполнување на обврските од Договорот од Пржино. Од друга страна, доколку нема напредок во претстојниот период, и можниот алтернативен датум за избори - 5 јуни, нема да биде сигурен. Позитивниот аспект на овој став на САД и ЕУ првенствено треба да се разбере од перспектива на доброто на граѓаните и нивните уставни и законски права во врска со изборниот процес, слободата на медиумите, реформите во судството и ослободувањето на институциите од партиско-политичките спреги, со надеж дека Македонија сепак ќе се врати во нормалниот колосек на развојот на демократијата и почитувањето на човековите права“, оценува Шасивари.

И професорот Ненад Новковски се согласува дека оценката на САД и ЕУ целосно ја одразува актуелната состојба со реализацијата на Договорот. Притоа тој ги набројува главните индикатори кои укажуваат дека власта досега не покажала подготвеност за суштински промени.

„Постапките на функционерите од ВМРО-ДПМНЕ и очигледно од нив диригираните лица во правосудниот систем, во целиот период на реализацијата на Договорот, а посебно пред оценката на САД и ЕУ, покажаа дека кај владејачката гарнитура отсуствува подготвеност за реализација на преземените обврски. Последниот преседан со неприфаќањето на мерките за обезбедување на присуство и спречување на евентуално повторување на делата или уништување на докази, за лицата против кои се води правна постапка за тешки повреди на избирачките права, покажува дека владејачката гарнитура не се откажува од инструментализирањето на институциите во функција на изборите и одржувањето на власт. Не само што не беа обезбедени правни мерки, туку за тие лица изостана дури и суспензија од вршењето на партиските функции поврзани со изборите, а судските одлуки беа употребени во функција на предизборна кампања“, укажува Новковски. Со оглед дека партијата дури не се ни оградила од претендираните незаконски дејства за кои се водат овие правни постапки, Новковски смета дека се создава поволна атмосфера за повторување на изборните нерегуларности од претходниот период кои и беа генератор на политичката криза.

„Во поглед на ослободувањето на медиумите од притисокот на власта, не само што не беа прифатени промени во законите во насока на обезбедување рамномерна затапеност на политичките субјекти и коректниот третман, туку се отиде во спротивната насока, со брутален напад од страна на контролираните медиуми врз сите компоненти на процесот Пржино и меѓународните претставници што учествуваат во него“, констатира Новковски.

Kombibild Politiker Mazedonien
Лидерската четворка на потег

Датумот ништо не менува

Од ставот на ЕУ и на САД не е изненаден ни професорот Љубомир Цуцуловски, но е против „втерувањето демократија од надвор“.

„Во отсуство на меѓупартиски консензус нормално беше да се очекува вакво мислење. Во оваа пригода настрана ги оставам моите бројни резерви кон консезуалното донесување одлуки, (доволно е, на пример, да се види блокираноста на ЕУ по повод бегалската криза), и ќе се задржам на следново: дали изборите ќе се одржат на 24-ти април или на 5-ти јуни ништо битно не менува, зошто мислењето на избирачите не се менува, ниту може да се промени преку ноќ. Според тоа, во суштинска смисла, датумот не е толку битен. Битен е, повторувам уште еднаш, консензуалниот принцип, бидејќи по ова мислење некој друг нема да биде задоволен од тој датум и, повторно, ќе нема консензус за предложениот датум. Така, може да се оди во недоглед“, предупредува Цуцуловски.

Тој вели дека воопшто не е среќен што Република Македонија е доведена во ситуација да не може да донесе какво било решение без да добие дозвола однадвор.

„Според мене, тоа е директно мешање во внатрешните работи на една земја, седно која земја била и колкава била. И како што никогаш не можев да ја прифатам несреќната и цинична советско- Брежневљева доктрина за ограничен суверинитет од 60-тите години, кога и војнички вмаршираа во Чехословачка, така и денес не можам да ја прифатам доктрината дека некој друг треба да ги уредува работите во некоја суверена држава, макар била и РМ. Накусо, не поднесувам втерување демократија сеедно од кои причини тоа се прави, исто онака како што не можев да ја прифатам идејата за 'пролетерскиот интернационализам' и наводната одговорност на социјалистичките земји пред интересите на 'меѓународниот пролетаријат'. Разликата е единствено во тоа што на местото на 'меѓународниот пролетаријат' е поставена 'меѓународната заедница'. Но, суштината е иста: една апстракција (меѓународниот пролетаријат) е заменета со друга – меѓународната заедница“, заклучува Цуцуловски.

Засега нема индиции дека е обезбеден консензус за одложување на датумот за избори, а до утрово ни најава дека лидерската четворка ќе седне на иста маса.

Во меѓувреме, кулминира наративот кој подолг период доминира кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ за „матни сценарија што меѓународната заедница ги спроведува со помош на домашни извршители, кои сакаат без избори да дојдат на власт“. Исто така, партијата вчера соопшти дека одлучила да престане да соработува со европскиот посредник во преговорите, Питер Ванхауте, „поради неговите навреди кон ВМРО-ДПМНЕ и континуираните омаловажувања кон народот и Република Македонија“, по што од денеска ќе го третира само како турист. Дополнително, по оценката на ЕУ и САД дека не се исполнети услови за избори на 24-ти април, приврзаници на владејачката партија на социјалните мрежи ја подгреваат атмосферата дека народот масовно треба да им каже „не“ на претставниците на меѓународната заедница и на нивните оценки. Засега нема потврда на бројните шпекулации дека ќе има спонтани протести и/или обраќање на лидерот на ВМРO-ДПМНЕ, во кое тој треба да ги разобличи наметнатите матни сценарија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема