1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Парламентот не дозволи лекување на Тимошенко во странство

Пратениците на владејачкото мнозинство во украинскиот парламент го отфрлија законот со кој требаше да се овозможи лекување на поранешната премиерка надвор од земјата.

Украинскиот парламент денеска не прифати ниту еден од шесте предлог-закони од европската агенда, меѓу кои и законскиот предлог со кој требаше да и‘ се дозволи на поранешната премиерка Јулија Тимошенко да замине на лекување во странство.

Ниту еден од шесте законски предлози не доби повеќе од 195 гласа, а за нивно усвојување беше потребна поддршка од најмалку 226 пратеници во Врховната рада. Законите не поминаа затоа што не ја добија подршката од сите пратеници на владејачката Партија на регионите на претседателот Виктор Јанукович.

Опозиционите пратеници гневно реагираа на ваквиот исход на гласањето, извикувајќи „срамота“ и „засрамете се“ кон колегите од мнозинскиот блок. ЕУ соопшти дека без решавање на „прашањето за Тимошенко“ нема да биде потпишан договорот за асоцијација на Украина со Унијата. Потпишувањето беше предвидено за средбата на високо ниво на ЕУ во Вилнус, која ќе се одржи на 28 и 29 ноември.

Можноста, Украина и ЕУ да потпишат договор од самиот почетокот беше остро критикувана од Русија. Официјална Москва долго време врши притисок врз дел од прaтениците да не го прифатат „законот за Тимошенко“, сакајќи да ја привлече Украина кон царинската унија меѓу Русија, Белорусија и Казахстан. Официjална Москва планира со помош на оваа унија да го спречи натамошното ширење на ЕУ кон Исток и кон земјите од поранешниот Советски Сојуз.

Тимошенко е осудена на седум години затвор, под обвинение за злоупотреба на службената положба при склучувањето на договорот за испорака на руски гас на Украина. Опозицијата, но и Западот сметаат дека казнувањето на Тимошенко има политичка заднина, па затоа нејзиното пуштање од затвор ЕУ го постави како еден од условите за склучување на договорот со Киев.

По одбивањето на законите, Брисел најави дека еврокомесарот за проширување Штефан Филе попладнево ќе отпатува за Киев.