1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Парламентарни избори во Франција како зајакнување за Оланд?

Франција денеска (10.06) повторно избира- овојпат нов парламент. Фаворити се социјалистите на новоизбраниот шеф на државата, Франсоа Оланд. Но, по се’ изгледа ќе мора да коалицираат, најверојатно со Зелените и левицата.

Парламентарните избори во Франција веќе започнаа. Граѓаните кои живеат во странство гласаа една недела порано преку интернет, за првпат во историјата на Франција. Иако изборите се општи, првите резултати од странство веќе се познати и ако трендот продолжи, новиот претседател Франсоа Оланд и неговите социјалисти ќе освојат доволно гласови да формираат коалициска левичарска влада. Таква е всушност традицијата во Франција. Досега секогаш партијата на претседателот добивала поддршка и на парламентарните избори.

Во мнозинскиот изборен систем во Франција, само кандидатот со најмногу гласови во одредена изборна единица влегува во парламентот. Доколку на гласањето во првиот круг никој не освои повеќе од половина од дадените гласови во некоја изборна единица, изборите одат во втор круг, кој се одржува седум денови подоцна. Тогаш на гласачкото ливче ќе се најдат сите кандидати кои имале освоено повеќе од 12,5 насто гласови во првиот круг и на крајот победува оној кој ќе освои најмногу гласови.

Frankreich Wahlen Algerier

Гласање во Алжир за парламентарните избори во Франција

На социијалистите им треба коалиција

Затоа социјалистите не истакнаа свои кандидати во повеќе од 60 изборни единици и во нив ќе ги поддржат кандидатите на Зелените, за да ја протуркаат оваа партнерска партија во парламентот. Истотака, извесно е дека некои кандидати на социјалистите ќе се повлечат пред вториот круг за да ги „пропуштат“ кандидатите на екстремната левица собрани околу Жан Лик Меланшон, иако двете партии официјално не постигнаа согласност за соработка. Целта е да не се растураат гласовите и да се спречи конзервативците да дојдат до мандатот.

Веќе сега е познато дека социјалистите ќе имаат најмногу пратеници, но истотака е извесно дека ќе им биде потребна коалиција со Зелените и со левичарите. Токму екстремната левица, доколку биде дел од власта, би можела да ја загрози консолидацијата на француските државни финансии: „Франсоа Оланд е умерен социјалист. Неговото инсистирање на поттикнување на економскиот раст бара само козметички промени на европскиот фискален пакт“, вели парискиот професор Емилиано Гросман: „Со левицата како партнер, би пораснал притисокот за подлабока реформа на тој пакт. Тоа би било проблем за цела Европска унија, но и за односот на Франција со Германија“.

Frankreich Wahlen 2012 Nicolas Sarkozy

Никола Саркози замина и ја остави неговата УМП во незавидна ситуација

Од другастрана, големите ветувања кои Оланд ги даваше за време на кампањата за претседателските избори, можат да се остварат само доколку неговите социјалисти бидат во мнозинство во парламентот. Тој имено има големо влијание врз социјалната и економската политика, а Оланд широкоградо вети заминување во пензија со 60 години за одредени групи вработени, нови работни места во јавните служби, и даноци за мултимилионерите од 75 насто. Поранешниот претседател Никола Саркози и неговите конзервативци проценија дека првите мерки на социјалистичкото владеење ќе ја чинат земјата 20 милијарди евра.

Десницата во меѓусебен судир

Саркози меѓутоа ги загуби изборите и потоа се повлече. Неговата партија УМП сега очигледно ќе доживее нов удар на парламентарните избори, но анкетите покажуваат дека ќе помине подобро отколку што се мислеше.

Präsidentschaftswahlen Frankreich 2012 Marine Le Pen

Клучен играч- Марин ле Пен

Најголем проблем на конзервативците не се избирачите наклонети кон левиот спектар, туку избирачите кои заминуваат во радикалната десница- Националниот фронт на Марин Лепен кој би можел да освои цели 15 насто од гласовите: „Граѓанската опција е во сендвич- ја притискаат од двете страни. Постои опасност кандидатите на Националниот фронт во бројни изборни единици да стигнат до вториот круг“, вели за ДВ Норберт Вагнер, шеф на германската фондација Конрад Аденауер во Париз.

За разлика од левиот дел на политичкиот спектар кој се држи заедно, конзервативците и радикалната десница отфрлаат меѓусебна соработка. Марин Лепен, која со националистите ги надминува резултатите на нејзиниот татко има интерес најнапред да ја разори УМП, а потоа да ги собере нејзините избирачи: „Колку поголем ќе биде поразот на УМП, толку поголеми ќе бидат шансите да дојде до раскол во партијата“, вели Вагнер. Националниот фронт има историска поддршка и веќе не е само протестна партија. Покрај тоа Марин Лепен ги истера неонацистите и расистите од партијата со што пак привлече поумерени конзервативци. Каков и да е нејзиниот резултат на парламентарните избори, ќерката на легендарниот Жан Мари Лепен веќе размислува за следните претседателски избори во 2017. година кога можеби ќе го оствари својот сон за вселување во Елисејската палата.