1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Парите од иселениците како единствен спас

Најсиромашните земји во светот особено силно страдаат од економската криза, меѓу другото и затоа што добиваат помалку развојна помош. Сепак мигрантите од овие држави се’ повеќе испраќаат пари во татковините.

Од почетокот на избувнувањето на финансиската криза во 2008 година директните инвестиции во земјите во развој се намалени за половина. Истовремено е намалена и финансиската помош која во овие земји доаѓаше по пат на разни организации за хуманитарна помош од богатите, западни земји. Но, еден вид помош која во овие држави доаѓаше и порано пристигнува и натаму, без разлика на ситуацијата на глобалното економско, односно, финансиско поле. Мигрантите, членовите на семејствата кои живеат во странство, и покрај кризата и натаму праќаат пари во татковината и тоа не помалку, туку напротив се’ повеќе. Така барем покажуваат резултатите на најновото истражување на Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД-ОН).

Миграцијта како економски фактор

Igor Paunovic UNCTAD Experte

Игор Пауновиќ од УНКТАД

Како што објаснува Игор Пауновиќ од УНКТАД, пред се’ во оние најсиромашните и најнеразвиените земји уплатите на сметка на жителите кои доѓаат од странство се многу важен економски фактор. Она што посебно паѓа во очи е дека овие уплати во меѓувреме во овие земји станале втор по ред извор на девизи. „Во 2011 година сумите, кои мигрантите ги уплатиле на сметки во татковината, биле двојно поголеми од директните инвестиции од странските инвеститори во овие земји“, наведува Пауновиќ кој и сам учествувал во споменатото истражување на институцијата во која работи. Така само во минатата година мигрантите и покрај кризата во своите сиромашни татковини пратиле речиси 27 милијарди американски долари, односно, околу 21 милијарди евра. Пауновиќ поради тоа потврдува дека овој извор на „приходи“ за сиромашните земји е очигледно најотпорен на кризата.

Пари за семејството

Иако мигрантите парите ги уплаќаат на сметките на своите семејства во татковината, тие и покрај тоа се од голема важност за севкупната економска ситуација во таа земја. „Парите подоцна не се даваат само за задоволување на основните животни потреби туку и за медицинска помош, за образование, за работа на семејните претпријатија. Со други зборови, овие пари на некој начин создаваат и работни места- кога тие на пример се даваат за изградба на куќа“, објаснува Бенјамин Шравен, стручњак за климатски промени и миграција во Германскиот институт за развојна политика во Бон (ДИЕ). Но, според него уплатите од странство не носат само „благослов“, туку и зависност, како на државно така и на приватно ниво.

Инвестиции во работна сила и образование

Benjamin Schraven Deutsches Institut für Entwicklungspolitik

Бенјамин Шравен, стручњак за климатски промени и миграција во Германскиот институт за развојна политика во Бон



И Игор Пауновиќ предупредува од опасноста која им се заканува пред се’ на младите од зависноста на финансиска помош, односно од роднините од странство. Но, според негово мислење овие пари сепак се вложуваат во добри цели и на семејствата во татковината тие им се единствен излез од сиромаштијата. Пауновиќ предлага воведување т.н. бонови од дијаспората се што овие пари од странство би се користеле и за државни инвестиции, за изградба на инфраструктура и развој.
Со тоа овие пари би се уплаќале директно во банкарскиот, односно, во финансискиот сектор како би се создале услови за понатамошни инвестиции. Мигрантите во тој случај повеќе не би плаќале високи суми за трансферот на пари. „Светската банка пресметала дека на пример трансфер од 200 долари на некоја сметка во Јужноафриканската Република или во Замбија мигрантите ги чини во просек околу 45 долари“, вели Бенјамин Шравен.
Со овие високи цени се погодени многу мигранти кои и онака во странсво не заработуваат многу.
Истражувањето покажа дека 4 од 5 мигранти не работат во некоја богата индустриска земја, туку во некоја земја во развој.