1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Парите за шпанските банки ќе стигнат наредната недела

Банките во Шпанија кои се во криза ќе добијат од европскиот чадор за спас финансиска инјекција од 39,5 милијарди евра, соопшти шефот на Еврогрупата Жан-Клод Јункер во Брисел.

Помошта треба да пристигне на средината од наредната недела. Владата во Мадрид претходно официјално побара помош за банкарскиот сектор кој е соочен со сериозни проблеми. ЕУ минатата недела одобри план за реструктуирање на четири шпански национални банки. Од помошта, 18 милијарди евра се за Банкиа, 9 милијарди за Каталонија Банк, 5,4 милијарди за Новагалисија Банко и 4,5 милијарди евра за Банко де Валенсија. И покрај големиот број шпекулации, Шпанија, која е многу погодена од рецесија и има висока стапка на невработеност, досега не побара помош за целата држава. Сепак, еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен сигнализираше дека еврозоната е подготвена и за таков случај.

Португалија треба во јануари да ја добие наредната транша помош од 2,5 милијарди евра. Шефот на Еврогрупата Јункер во Брисел нагласи дека е уверен оти и Грција ќе ја добие наредната транша помош, на 13 декември. Освен тоа, Јункер подвлече дека не верува оти Ирска и Португалија би добиле кредити под еднакви услови како Грција. Јункер вчера соопшти дека ќе се повлече од позицијата шеф на Еврогрупата на крајот на оваа или почетокот на наредната година.