1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Париз цел на Исламската држава во пресрет на изборите

БГ
21 април 2017

Франција синоќа беше цел на терористички напад во кој животот го загуби еден полицаец. Утрово животот продолжува нормално во Париз, но аналитичарите предупредуваат дека нападот може да влијае врз изборите в недела.

https://p.dw.com/p/2benm
Frankreich | Schießerei auf der Champs Elysee Avenue
Фотографија: Getty Images/A. Meunier

Осомничен милитант кој ѝ бил познат на полицијата уби еден, и рани уште двајца француски полицајци во напад за кој одговорноста ја презема Исламската држава на само неколку дена пред претседателските избори во земјата. Полицијата предмалку соопшти дека се трага по уште еден осомничен кој веројатно бил соучесник во нападот.

Аналитичарите долго предупредуваа од крвопролевање пред гласањето, откако Франција беше погодена од серија терористички напади од 2015 година наваму. Насилството го врати прашањето за безбедноста во земјата на прво место во пресрет на гласањето.

Напаѓачот отворил оган од автоматско оружје врз полициско комби на булеварот на славните Елисејски полиња предизвикувајќи паника меѓу туристите и гостите. Откако го убил едниот полицаец и го ранил другиот, напаѓачот бил убиен во непосредна близина на Триумфалната порта од полицијата откако пеш се обидел да избега од местото на злосторството.

Frankreich Schüsse auf Polizisten in Paris
Сцената на терористичкиот нападФотографија: picture-alliance/AP Photo/K. Zihnioglu

Во соопштение на Исламската држава објавено од нејзината пропагандна агенција Амак се наведува дека напаѓачот „бил борец на Исламската држава“. Убиецот е идентификуван како 39-годишен Французин, претходно познат на антитерористичката полиција. Веднаш по нападот била извршена рација во неговиот дом на периферијата на источен Париз. Тој бил уапсен во февруари годинава под сомнение дека планира напад врз полицијата, но бил ослободен поради недостаток на докази. Во 2005 година бил осуден за три обиди за убиства, два од кои биле против полицајци.

Пресврт на изборите?

Влијанието на нападот врз изборната трка засега е нејасен. Тројца од водечките кандидати, десничарката Марин Ле Пен, нејзиниот центристички ривал Емануел Макрон и конзервативецот Франсоа Фијон ги откажаа сите настани планирани за денеска.

Frankreich | Schießerei auf der Champs Elysee Avenue
Булеварот кој минува низ Елисејските полиња утрово е повторно отворен за сообраќајФотографија: picturealliance/ dpa/MAXYPPP/O. Corsan

Досега, анкетите покажуваа дека гласачите се позагрижени за високата невработеност и опаднатиот стандард отколку за тероризмот и безбедност, но аналитичарите предупредуваат дека тоа би можело да се промени по најновото насилство.

Францускиот претседател Франсоа Оланд вети „апсолутна будност, особено во однос на изборниот процес“. Тој рече дека е убеден оти нападот е „терористички акт“ и за денеска свика состанок на безбедносните агенции.

Центарот на Париз утрово е повторно отворен за сообраќај и за пешаците, откако во текот на ноќта беше целосно блокиран од полицијата. Еден турист синоќа бил повреден од заталкан шрапнел во престрелката.
Франција е во вонредна состојба веќе подолго време откако серија терористички напад во последните две години однесоа 230 човечки животи. Илјадници воени трупи и полицајци се распоредени на туристичките „жешки точки“ во Париз и во други градови.