1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Париз: Камерун не е безбеден за француските државјани

Владата во Париз ги повика сите Французи во северен Камерун, да го напуштат регионот на границата со Нигерија. Повод за ваквиот повик е киднапирањето на едно француско семејство туристи во овој регион.

„Француските државјани кои во моментов се наоѓаат на крајниот север на Камерун треба да заминат на сигурно место“, побара француското Министерство за надворешни работи. Три возрасни лица и четири деца во вторникот најверојатно биле киднапирани од страна на исламистичка група од Нигерија. Во Камерун живеат околу 6200 француски државјани и таму се активни околу 200 фирми од најразлични бранши. Франција е еден од најголемите инвеститори во оваа централноафриканска држава.

Париз покрај тоа ги повика Французите во Чад, земја-сосед на Камерун, да ја зголемат будноста и да бидат попретпазливи. Притоа француската влада укажа на тоа дека трупите од Чад во моментов се борат на страната на француските сили против исламистите во западноафриканската држава Мали. Франција смета дека одговорна за киднапирањето на француското семејство во Камерун е одговорна групата Боко Харам. Таа во Нигерија со години се бори за исламска држава.

Со француската интервенција во Мали, зголемена е опасноста од земање странци за заложници во целиот регион на Сахел, поради што француските државјани се повикани на најголема внимателност.

Како што наведува француското МНР, најчувствителна е областа на Сахара (Буркина Фасо, Сенегал, Чад, Нигерија, Нигер), но ризикот за засилени напади врз странци не е ограничен само на тие земји.