1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Парада на љубовта: Обвиненија против десет лица

Триипол години по катастрофата што се случи на Парадата на љубовта во Германија, во која загинаа 21 лица, а беа повредени стотици луѓе, обвинителството денеска (12.02) соопшти - ќе бидат обвинети десет лица.

Обвинителството во Дуизбург соопшти дека обвиненија ќе бидат подигнати против шестмина вработени во Градската управа во Дуизбург и четворица соработници на Лопавент, организаторот на Парадата на љубовта. Во масовната паника што изби за време на техно-парадата, на 24 јули 2010 година во Дуизбург, загинаа 21 лица, а повеќе од 500 беа повредени.

Обвинителството им префрла на обвинетите убиство без предумисла и нанесување телесни повреди без предумисла. Истрагата е запрена во шест случаи. Иследниците дошле до заклучок дека влезовите и излезите кон просторот каде што се одржуваше Парадата на љубовта биле несоодветни за големи маси на луѓе. Луѓето задолжени за планирање на манифестацијата морале да согледаат дека безбедносниот систем ќе откаже и дека може да настанат ситуации опасни по живот, се вели од обвинителството.

Loveparade Duisburg Staatsanwaltschaft erhebt Anklage

Кристина Вајлер (л.), Хорст Биен и Михаел Шварц (д.) од обвинителството во Дуизбург

Меѓу оние кои не се обвинети се и тогашниот градоначалник на Дуизбург Адолф Зауерланд, како и првиот човек на фирмата организатор Лопавент, Рајнер Шалер. Тоа што бројот на обвинети од првичните 16 се намали на 10, предизвика немир и сомневања кај претставниците на жртвите дека судскиот процес би одговорил на желбата за целосно расчистување на случајот. „Не сакаме да страдаат малите луѓе, туку оние кои навистина имаат направено грешки“, изјави Јерн Тајх, претседател на иницијативата Лопа 2010, која ги застапува интересите на семејствата на жртвите. Адвокатот Јулиус Рајтер, кој застапува многу роднини на загинатите и други лица погодени од катастрофата, критикува дека од страна на полицијата веќе никој не е меѓу обвинетите и фактот дека не е обвинет шефот на фирмата организатор на манифестацијата, Лопавент.

За обвинението и за отворање на главниот судски претрес сега одлука треба да донесе Покраинскиот суд во Дуизбург. Според некои информации, проверката од страна на судот може да трае повеќе месеци. Тоа значи дека судски процес би почнал најверојатно дури наредната година.