1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Парагвај го избра тутунскиот магнат Картес за претседател

Еден од најбогатите луѓе во Парагвај е избран за нов претседател на земјата на вчера одржаните претседателски избори. Надежите се дека тој ќе го извлече Парагвај од политичката криза.

Парагвајците го избраа тутунскиот магнат Орасио Картес за претседател, со што партијата Колорадо се врати повторно на власт, на која беше 61 година, пред католичкиот епископ Фернандо Луго да ја преземе претседателската функција во 2008 година.

Картес победи со предност од околу десет проценти пред неговиот ривал Ефраин Алегре од владејачката Автентична либерално-радикална партија, изјави претседателот на Изборната комисија Алберто Рамирес Самбонини, прогласувајќи го Картес за претседател.

Според првичните изборни резултати, Картес освоил 53,5 отсто од гласовите, додека Алегре 32,6 проценти од гласовите на околу 3,5 милиони Парагвајци со право на глас. Алегре го призна поразот и ги поздрави Парагвајците, поради високата изборна активност.

„Народот го направи својот избор и ние треба да го почитуваме, нагласи тој пред своите приврзаници“. Двајцата претседателски кандидати се претставници на партии, кои ја предизвикаа процедурата за импичмент на Луго во јуни 2012 година. Педесет и седум годишниот Картес е дел од малубројната елита, која владее речиси со цел Парагвај. Картес поседува банки, инвестициски фондови, земјоделски површини, компанија за производство на безалкохолни пијалоци и тутунски плантажи. Тој е сопственик и на фудбалскиот клуб „Либертад“, шампион во Парагвај.

Изборите треба да стават крај на политичката криза во Парагвај којашто избувна во 2012 година, откако поранешниот бискуп на Сан Педро, Фернандо Луго првиот претседател од левицата избран во 2008 година, остана во парламентот без својот главен сојузник, па десницата го собори од власта.