1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Папата предупредува од духовен пустош

Со голема миса на отворено во Сиднеј заврши средбата на католичката младина. Папата Бенедикт 16 го повика светот на солидарност, почитување и надеж и го критикуваше егоизмот.

default

Папата Бенедикт 16 во Сиднеј

На мисата според проценките присуствувале повеќе од 500.000 луѓе, меѓу нив и неколку стотина бискупи и кардинали. Тоа беше најголема миса во историјата на Австралија. На местото каде таа се одржа, ноќта ја минаа 200.000 луѓе. Тоа е традиција на ваквите собири.

Благослов за учесниците

По пристигнувањето со хеликоптерот на местото, Папата ги благослови учесниците.„Примете го светиот дух“ гласеше мотото на средбата. Бенедикт 16 ги предупреди младите во светот да не дозволат ширење на духовниот пустош во 21 век и упати апел за општествена и црковна преродба. Папата побара нова ера во која солидарноста, почитувањето и надежта ќе го заменат егоизмот, површноста и жедта за материјални добра:

„Светиот дух е дух на заедништво. Разговарајте со другите за вашите надежи и идеали, разговарајте за Бог и со Бога. Среќен е секој човек кој живее во божја љубов и во љубов кон блиските. Божјиот дух ќе ве одведе на патот на мирот“ рече Бенедикт 16.

Австралискиот печат во опширно пишуваше за изјавата на Папата, кој се извини за сексуалното злоставување на малолетниците од страна на австралиски свештеници. Бенедикт 16 побара тие да бидат казнети, а на жртвите и нивните семејства им упати порака на сочувство со нивните страдања. Ова жалење, кое предизвика позитивни реакции во светот, сепак не е доволна за здруженијата на жртвите во Австралија. Тие бараат уште поизричита порака на извинување од страна на поглаварот на католичката црква.

Наредната средба во Мадрид

Инаку на крајот на мисата Папата најави дека следниот собир на младите католици ќе се одржи повторно во Европа:„Ви благодарам што бевте дел од собирот на младите католици во Сиднеј. Се радувам на нашата повторна средба за три години во Мадрид“ Папата Бенедикт 16 денеска ќе разговара со организаторите и волонтерите на средбата, на кои ќе им ја изрази благодарноста за нивниот ангажман. Во текот на денов тој ќе се врати во Ватикан.